Најголемиот производител на батерии за ЕВ, кинескиот CATL, се придружува на BYD и Tesla во производство на соларни панели
Обновливите извори на енергија се во фокусот на големите играчи во производството на ЕВ. Познат по сопствените капацитети за изработка на батерии за сопствените возила е кинескиот BYD, додека Tesla ги користи услугите на CATL, но произведува батерии за слкадирање на струја за домаќинства.
Овие компании напорно работат и во полето на производство на струја од соларна енергија и нејзино складирање. Ова друштво го проширува CATL чии истражувачи ги развиваат перовскитните ќелии, меѓу најперспективните методи за перформансите на соларните панели. Исто така, CATL објави дека потпиша договор со JA Solar Technology, четвртиот најголем кинески производител на модули, за соработка на научни иновации, маркетинг и складирање.
Голема предност што перовскитните панели ја имаат во однос на конвенционалната соларна технологија е тоа што тие можат да реагираат на различни бранови должини на светлина, што им овозможува да претворат и до 30% повеќе од сончевата светлина во електрична енергија. Покрај тоа, тие нудат флексибилност, полутранспарентност, приспособлива форма и мала тежина.
Трендот на инсталирање на соларни панели е во постојан пораст поради производство на еколошка електрична енергија. Меѓународната агенција за енергија потврди дека глобалните инвестиции во соларната технологија оваа година за прв пат ќе ги надминат трошоците за производство на нафта. Производителот на ЕВ и батерии BYD започна со производство на соларни панели во 2008 година и има изградено фабрики во Кина и во странство.
BYD може да произведува панели со капацитет околу 5 гигавати годишно. Тесла го зголеми производството на соларни панели за 40 отсто во првиот квартал од годинава во споредба со истиот период лани. Понудата се шири со уште побрзо темпо, а глобалниот соларен пазар рапидно расте и се очекува инсталациите да пораснат повеќе од една третина, до 344 гигавати оваа година.
Производителите на батерии имаат дополнителен интерес во овој сектор бидејќи домашните и индустриските системи се повеќе користат соларни панели и имаат потреба за складирање на произведената енергија. Се прогнозира дека во САД, само во станбените објекти, во следните седум години ќе се инсталираат батерии за складирање на произведената струја од соларни панели со капацитет од околу 19 гигавати.


