Последниот од својот вид
Нема повеќе – ова е последниот Passat и еден од последните модели на VW кој ќе може да се добие со дизел мотор
Колку и да е моќна историјата, не може да се спротивстави на иднината – Passat беше прв од модерните модели на Volkswagen после Бубата, а сега е прв што заминува во пензија. Честа до моментот додека електричните возила комплетното да завладеат ќе му ја брани само караванската верзија, во која единствено ќе биде достапен од новата, свежо претставена генерација. Затоа погледнете подобро, бидејќи ова што ќе го видете сега ќе остане во колективното носталгично сеќавање.
Како што од порано се знаеше, тактизирањето на Volkswagen меѓу минатото и иднина резултираше со убивање на лимузинската верзија на Passat – тој отсега ќе достапен само како караван, со сите предности што може да ги понуди. Вклучително и дизел мотор – новиот модел, покрај лесните хибридни бензинци од 1,5 и 2,0 литри со 150 и 204, односно во верзијата со погон на сите тркала со 265 коњски сили, ќе ги има во понуда и дволитарските TDi агрегати со 122 и 150, или кај моделот со 4×4 погон со 190 коњи. Балансот со екологијата ќе го одржуваат плаг-ин хибридите со 204 и 272 коњски сили, чие батериско пакување со капацитет од 19,7 kWh ќе им овозможи поминување стотина електрични километри.
Што се однесува до самото возило, тоа е поставено на ревидираната MQB Evo архитектура која ќе ја дели со претстојниот Tiguan и наредниот Golf. Таа му обезбеди пораскошни димензии, дотолку што 4.917-те милиметри во должина и меѓуоскиното растојание од 2.841 милиметри тераат на размислување кому му е потребен волкав простор. Очигледно сакајќи да остане запаметен во историјата, Volkswagen новиот Passat го нуди со оптимално уреден ентериер во кој не остана многу место за аналогни инструменти и копчиња – скоро сé е дигитално. Но ако тоа беше очекувано, можеби не толку големо но сепак изненадување претставува поместувањето на рачката од менувачот (кој во сите верзии е автоматизиран) на столбот на управувачот.
Дизајнот не треба да се коментира – тој како и многупати досега кога се во прашање клучните модели на марката е нешто меѓу еволутивен и револуционерен, наменет да се допадне секому, но и таков да не само добрите познавачи познаат дека се работи за нов модел. Колку успеале во тоа ќе дознаеме за некој ден кога за прв пат ќе го видиме во живо на IAA во Минхен, каде веќе е нашата екипа. Сите останати ќе можат да го видат (и купат) почнувајќи од првиот квартал идната година. Доколку некому тоа му е битно, ќе се произведува во Братислава заедно со идниот Superb на Škoda, кој пак ќе биде достапен и во лимузинска верзија.