Пократок назив, нов дизајн и помоќни мотори
По преобразбата низ која помина поголемиот кросовер на француската премиум марка на Stellantis, DS 7, без она Crossback во ознаката. Тој не е чест на патиштата, но сега кога ќе се види тешко ќе може да се побрка со нешто друго. Предните светла се потенки и технички дотерани а благодарение на трите ЛЕД модула обезбедуваат оптимална видливост во сите услови. Од нив се слеваат дневните светла и по четири ЛЕД низи кои изгледаат совршено и пред сé необично, оддавајќи впечаток дека светлоста патува низ бојата на каросерија. Маската е зголемена, а направени се и неколку корекции на задната страна. Внатрешноста е минимално освежена, а опременоста подобрена со пар корисни технички иновативни системи. Под хаубата главно се плаг-ин хибриди кои ги има три – со 225, 300 и 360 коњи, помоќните со погон на сите тркала, а за скептичните во понуда останува и 130-коњскиот дизел. Продажбата ќе му започне при крајот на годинава.