Нова класика

75 години Mercedes-Benz е предводник во осетлив пазарен сегмент. Дали тоа ќе остане, ќе покаже времето.

Штутгартската ѕвезда прва повлече нога, неколку месеци пред нејзиниот најголем ривал BMW серија 5 која ја очекуваме на есен. Генерацијата која е штотуку лансирана ја носи интерната ознака 214 и во продажба ќе влезе есенва, токму како и споменатиот ривал. Mercedes не би бил она што е ако не се држи до традицијата и новата E-Class може слободно да се нарече контра револуционер! Можеби ова е тежок збор, но во трендовите во кои господарат кросоверите и спортско корисните возила да се лансира класична три-волуменска лимузина е луксуз кого можат да си го дозволат само малку компании. Визуелниот впечаток е силен. Како и не би бил кога настапот наликува на поголемиот брат S-Class. Не само во дизајнот и пропорциите, туку и со детали како рамните рачки на вратите и силната хоризонтална хромирана линија што се протега низ капакот на багажникот помеѓу задните светла. Но, малку покомпактната форма му дава нешто што потсетува на помалата C-Class. Сепак тука има елементи кои непогрешливо ќе ја одвојат од своите најблиски роднини. Тоа е новата маска на ладилникот каде трикраката ѕвезда е придружувана со десетици помали расфрлани помеѓу фаровите. Задните светла, исто така, даваат посебна импресија и ветуваат дека Е-Class нема да биде помешана со кој било од роднините. Во нив господари, повторно, трикраката ѕвезда која дава посебна визуелна импресија. Внатрешноста дефинитивно има повеќе заедничко со S-Class отколку со C-Class. Пред се, меѓуоскиното растојание е растегнато за 22 мм и сега бележи 2.961 мм, ослободувајќи повеќе простор во кабината. Сега вкупната должина на Е-Class е неполни пет метри, поточно 4.949 мм. Зголемен е просторот за колената на задната клупа како и за рамениците. Конструкторите тврдат дека на задната клупа има простор речиси исто толку како во голем луксузен автомобил. Кога станува збор за инструмент таблата и инфозабавниот екран, новата E-Class има повеќе заедничко со електричните модели на куќата. Стандардно ќе се испорачува со самостоен дигитален дисплеј на инструменти и медиумски екран MBUX интегриран предната конзола. Опционално може да се прошири со екран пред совозачот. Како и многу производители на автомобили, Mercedes верува дека поврзувањето и способноста да се споделува содржина и активност на социјалните мрежи од автомобилот е задолжителна, па има селфи камера и пристап до апликации и игри како TikTok и Angry Birds, плус можност за проследување видео. Сепак безбедноста е императив и системот за следење на лицето ќе ја деактивира видео содржината што се емитува на совозачкиот екран ако открие дека возачот поминува премногу долго не гледајќи во патот. Барем на почетокот Е-Class ќе се нуди исклучиво со четири цилиндерски мотори, а само американските купувачи ќе бидат почестени со „шестак“ кој ќе ја носи ознаката Е450. Повеќето од половината изведби ќе бидат со приклучен хибриден погон додека сите останати верзии се хибридизирани. Почетната изведба E200 е со погон на задните тркала. Во бензинската верзија располага со 204 КС. Дизелот има 197 КС, но за разлика од бензинецот, достапен е и со 4Matic погон на сите тркала. Најспориот ќе го совлада спринтот од мирување до стотка за 7,8 секунди, а максималните 238 км/ч ќе се достигнат со помош на интегриран стартер генератор чија моќност е зголемена на 17 kW. Приклучните хибриди се впарени со  бензински агрегати со четири цилиндри, поврзани со електричен мотор од 95 kW  кои можат да испорачаат електричен опсег на возење до 100 км. Тие модели се E300e 313 КС и E300e 4Matic, како и E400e 4Matic со 381 КС. Овој последниот засега е најбрзиот меѓу сите со спринт до стотка за 5,3 секунди, сé додека не дојде верзијата AMG. За нив нема прецизни информации но се претпоставува дека ќе има две можни решенија. Mercedes-AMG E 53 би го превземал четири цилиндерската солуција од помалиот C 63 AMG. Исто толку можна е верзијата Е 63 AMG која наместо осум ќе користи три литрен мотор со два цилиндри помалку но ќе испорачува повеќе од 500 КС, а заедно со електромотор би можела да надмине 700 коњи!  Сепак ова се само шпекулации што не се темелат на официјални информации. Mercedes официјално потврди дека традиционалното пружинско ослонување е стандардно, но за вистинско луксузно искуство наменетa е опционалната воздушна суспензија Airmatic со приспособливо амортизирање и управување на задната оска. Засега Mercedes не ги објавува цените. Тоа ќе го направи во текот на летото кога купувачите ќе можат да започнат со нарачките и конфигурирањето на своите возила.  

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER