Цените на горивата пораснаа
објавено на 1 мај 2019 година
Фамозната ставка од купопродажниот договорот за Окта според која регулаторната комисија за енергетика ги креираше цените на горивата за една недела престанува да важи и тие по последен пат поскапеа според веќе старата формула – отсега натаму ќе се менуваат по нова формула за пресметка која сé уште не е на сила. Тоа може сешто да значи, но според сите сигнали тешко да се надеваме на нивно поевтинување. Затоа и за сегашните повисоки цени не можеме да кажеме дека се високи, бидејќи едноставно тие од идната недела можат да бидат повисоки. Дотогаш за литар бензин од 95 октани ќе плаќаме по половина денар, а за литар бензин од 98 октани и за литар дизел по 1 денар повеќе отколку досега. Конкретно, за полнење на резервоарот на нашите автомобили со најчестиот бензин ќе ни требаат по 72 денари, оние кои имаат попребирливи автомобили ќе мора да одвојат по 74, а пак поклониците на дизелот по 63,50 денари за литар. Образложението за ова поскапување овој пат ќе го прескокнеме бидејќи веќе нема никаква смисла да повторуваме нешто што како тајна формула важи 20 години. За жал не можеме да ви кажеме ниту што ќе нé снајде идната недела. Затоа си посакуваме на сите нас да сме живи и здрави и да ни се честити празниците!