Претставувањето на електричната гама ID покажа дека кај нас има многу заинтересирани за „Voltswagen“
Електричната гама на гигантот од Волфсбург станува сé поголема. Полека, но сигурно, таа се шири низ пазарите од кои не е исклучок ниту нашиот. Сабота беше одредена за целодневна презентација и тест возења на дел од гамата што се нуди. Претставници беа неколку изведби на моделите ID.3, ID.4 a ѕвезда беше најмоќната верзија на ID.4 со ознака GTX. Тие го привлекоа вниманието примамувајќи многу заинтересирани во импортерскиот центар на Порше Македонија.
Тест рутата по која се одвиваше возењето беше доволна да се почуствуваат сите предности на електричните возила, па дури и на автопат. Воодушевување кај сите што ја возеа предизвика ID.4 GTX. А како и да не, кога има перформанси за кои сонуваат и споствениците на спортски возила со класични мотори. Нејзините 299 коњи, 460 Nm, забрзување од стоечка позиција до 100 км/ч за 6,4 секунди и максимална брзина електронски ограничена на 180 км/ч никого не оставија рамнодушен. Во нејзин прилог оди погонот на сите тркала и батеријата од 77 киловат часа која овозможува автономија околу 400 км.
Полнењето на батеријата од 20 до 80% на брзите полначи инсталирани во Порше Македонија е пократко од 30 минути. Погодност е што на сите купувачи им е овозможено бесплатно полнење. Оценката на присутните беше едногласна. На сите им се допадна тивкото возење, експлозивноста во однос на возилата со мотори на согорување, несекојдневниот дизајн како и севкупното возачко искуство. Овој настан можеби ќе ги охрабри останатите увозници на ЕВ да го направат истото, да ги приближат овие возила на претпазливиот македонски купувач. Првиот чекор е направен.