Една поинаква иднина на мобилноста
XPeng кој веќе некое време е присутен во Европа на салонот на автомобилите во Париз како светска премиера ја покажа лимузината P7+. Иако според ознаката и дизајнот може да се заклучи дека се работи за унапредена верзија на досегашниот P7, Кинезите зборуваат како за сосема нов модел за кој велат дека ветува исклучителна ефикасност. Дека навистина можеби е така сведочи поинаквата каросерија која сега е лифтбек со пет врати. Предниот дел го задржа стилот на својот претходник со двостепено осветлување, ама сите стилски детали се поинакви. Новиот модел е и подолг, и тоа значително – од 4,89 порасна на 5,06 метри.
Од главните технички карактеристики е познато дека ќе се нуди во две верзии, со погон на задните тркала и електромотор со 245 или 313 KS. Тие ќе влечат струја од литиум железно фосфатни батерии со капацитет од 60,7 и 76,3 киловат-часа кои треба да обезбедат автономија од 575 и 685 километри. Максималната брзина е ограничена на 200 km/h, а значајно е што декларираната потрошувачка изнесува само 11 kWh/100 km. Познат по своите напредни технологии, XPeng го има опремено P7+ со систем за автономно возење со поддршка од вештачка интелигенција. Производството треба да започне пред крајот на годината.