Контејнерите дислоцирани, затворен и автопатот
Ако утре патувате некаде, тргнете порано
објавено на 06 мај 2019 година
Историската посета на папата Франциск на Македонија ќе биде проследена со историски мерки на безбедност кои предвидуваат затворање и на автопатот од Скопје кон и околу аеродромот. Според достапните информации, утре од 7:30 до 9 часот и од 17 до 18:30 часот улиците кон излезот на градот и автопатот кон аеродромот во двете насоки ќе бидат затворени за сообраќај, кој ќе се пренасочува по споредните улици и локалните патишта. Оние кои доаѓаат од Куманово ќе возат по обиколницата и во Скопје ќе можат да влезат дури кај Радишани, а оние од Велес ќе бидат пренасочувани преку Идризово и Маџари. Краткотрајно во прекин ќе биде и сообраќајот на автопатот од Куманово кон Велес.
Сообраќајот во центарот на градот ќе биде целосно забранет (кликнете тука за попрецизни информации), заради што сите оние кои утре ќе имаат неопходна потреба од своите автомобили ќе треба да ги изнесат од забранетата зона и да ги препаркираат на некое од државните паркиралишта кои од денес од 17 часот ќе бидат бесплатни. Оние пак на кои нема да им требаат автомобилите ќе можат да користат бесплатниот градски превоз, кој ќе се одвива под посебен режим, со доста изменети рути на движење на автобусите. Заради мерките на безбедност утре ќе биде забранет и влезот на возила во клиничкиот центар, а привремено ќе бидат дислоцирани и контејнерите за ѓубре.