Нови цени на горивата – очекувајте поскапување

Top News Македонија

Нови цени на горивата – очекувајте поскапување

Објавено на 18 мај 2020 година

Денес регулаторната комисија за енергетика ќе ги објави новите цени на горивата кои ќе важат во Македонија од полноќ. Колкави ќе бидат ниту тие не знаат додека не ги пресметаат на начин дефиниран со правилникот за формирање на највисоки малопродажни цени на одделни нафтени деривати и горива за транспорт, или како што тие го викаат наскратено, методологијата. Во него јасно е дефинирано како се пресметуваат цените на сите деривати, кои единствено зависат од средната дневна берзанска цена на соодветниот дериват во изминатиот период од последната одлука, кој вообичаено е седум дена. Иако тоа значи дека цените на горивата кај нас не се поврзани со цената на суровата нафта, берзанските цени на дериватите сепак индиректно зависат од нејзините движења. А со оглед дека таа поскапува и во моментов веќе надмина 30 долари, очекувајте и горивата кај нас да поскапат. Колку, ќе дознаеме уште денес.