Една добра, една лоша вест
Објавено на 26 ноември 2018 година
Горивата поевтинуваат – и тоа значајно. Тоа е добрата вест. Лошата е што во најновата пресметка што Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија ни ја испорача дизелот и бензинот скоро се изедначија – разликата сега е едвај 2 денари. Со други бројки кажано, од утре малопродажните цени на бензините се намалуваат за 4, а на дизелот за 3,50 денари за литар во однос на досегашните и се поставуваат на 63 денари за еуросупер БС-95, 65 денари за еуросупер БС-98 и 61 денар за литар еуродизел Д-Е V. Во своето образложение нашиот енергетски анти-монополски чувар кој сега има ново име – Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, вели дека до ова намалување на рафинериските и на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 9,38%, односно за 6,53% е дојдено заради намалувањето на просечната цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатиот 14-то дневен период за 11,76% и референтните цени на нафтените деривати – на бензинот за 10,57% и на дизелот за 8,55%, како и заради поскапувањето на доларот за 0,98%. Имајќи ги предвид влијанијата на овие елементи во формирањето на цените на нафтените деривати според сé уште тајната Методологија, извршено е нивно соодветно корегирање.
Е па нека ни е наздравје новата цена на дизелот! За бензинот нема да наздравуваме, да не го урочиме и него.