Новиот Ford Focus пристигна во Македонија
Ford Focus од новата генерација веќе е во салонот на Ми-Да Гранд Моторс
Објавено на 9 октомври 2018 година
Откако пред неколку месеци ја имаше светската премиера, новиот адут на Ford во Ц-сегментот сега е достапен и за македонските купувачи. Овластениот увозник за возилата од оваа марка го донесе првиот примерок на Focus кој веќе е изложен во продажниот салон во Скопје. „Салонот на Ми-Да Гранд Моторс е отворен да се погледне автомобилот и да се покажат најдобрите перформансите на возилото на иднината. Станува збор за ново ниво на интелигентен дизајн, карактеристичен модерен стил и повеќе простор. Новиот модел е дизајниран да создаде и елегантна и спортска слика, но и форма преку која се подобрува аеродинамиката“, велат од Ми-Да Гранд Моторс.
Новата технологија што е вградена помага и им олеснува на возачите при возењето и застанувањето во сообраќајот, да можат да гледаат појасно во мракот, да паркираат со помош на копче и да избегнуваат несреќи. Возилото поседува адаптивен темпомат со Stop-and-Go функција, систем кој го држи растојанието во однос на возилото пред нас. Тука е и подобрениот систем за осветлување со автоматско прилагодување пред возилото да влезе во свиок, да се доближи до раскрсница или кружен тек. Наместо само да се потпира на движењето на управувачот од страна на возачот, Lane-Centring системот користи и предна камера за следење на лентата во која автомобилот се наоѓа, со прегледност до 65 метри пред него. Speed Sign Recognition системот пак внимава на брзината со која што се движи автомобилот и знаците за дозволена максимална брзина.
Освен што новиот Ford Focus е семеен автомобил со средна големина кој нуди најмногу простор досега, во него е вградена технологија која го подобрува искуството на возачот. Автомобилот е опремен со напредни карактеристики, како Ford Cо-Pilot 360 системот.