Место субвенции за електричните, данок за хибридните возила
По донесувањето на законите за возила и акцизи, пресметката на давачките што се плаќаат за возилата ќе се смени од корен. Така, место акциза како сега, од 1 ноември годинава според законот за данок на моторни возила чија процедурата за донесување е отпочната, при нивната продажба, односно увоз во Македонија за возилата треба да се плаќа данок. Пресметката ќе се врши врз основа на просечната емисија на јагленород диоксид во комбинирано возење и видот на горивото за патничките автомобили, според јачината на моторот и издувните норми за пикапите и доставните возила, односно според зафатнината на моторот и издувните норми за мотоциклите, трициклите и четирициклите. За разлика од досега кога на хибридните возила не се пресметуваше акциза, овој данок ќе се наплаќа и за нив, додека електричните возила остануваат неоданочени. Просечната емисија на јагленород диоксид ќе се утврдува според NEDC или WLTP нормите ако возилото е хомологирано според нив, а доколку не може да се утврди, ќе се смета дека тоа емитува 400 g/km CO₂. Висината на данокот ќе ја одредува владата, а дали сумата ќе биде различна за нови и половни возила не е дефинирано.