И македонскиот пазар на автомобили катастрoфираше

Top News Македонија

И македонскиот пазар на автомобили катастрoфираше

Царинската управа ги објави податоците за бројот на увезени возила во март и април

Објавено на 21 мај 2020 година

Не е некое изненадување – во март и април и македонскиот пазар на автомобили катастрофираше, барем според бројот на увезени возила. Според нивните податоци, тој за овие два месеца годинава е намален за две третини, или поточно за 64% на вкупниот број увезени возила кој е намален од 8.005 во март и април 2019 на 2.900 во истите месеци годинава. Ако го споредиме увозот на нови возила ќе добиеме намалување од 47% (632 во однос на 1.197), а на половни возила пак 67% (1.971 наспроти 6.049). Скори истите проценти (-64% кај сите, -40% кај новите и -67% кај сите возила) ќе добиеме ако просечните бројки за март и април 2020-тата ги споредиме со просечните бројки за цела 2019-та. Напоменуваме дека тука се работи за бројот на увезени, а не продадени возила кој реално би требало да биде уште помал, посебно кај новите возила кои се увезуваат според претходно договорена динамика, без разлика дали има интерес за нивна продажба. Треба да се спомене и дека овие проценти би биле поблаги да не беа промените во системот за оданочување на возилата кои на сила стапија од нова година.

Како и да е, јасно е дека кризната ситуација дебело го погоди автомобилскиот бизнис во Македонија, кој и онака беше на ниски гранки. Уште појасно е дека ваквата состојба ќе продолжи, и покрај настојувањата на некои наши импортери на возила да ги понудат со одложен рок на плаќање. Со еден збор, кој ќе преживее ќе раскажува, а дотогаш…