Историска победа на Audi на релито Дакар

Господарот на прстените ја покори пустињата со електричен погон

Ентузијазмот, техничка подготвеност и високите цели секогаш биле мантра на спортското одделение на Audi. Без оглед дали се работи за рели натпревари, трки на патека или авантуристички потфати, Audi секогаш давал максимум без исклучок.

Таквиот пристап ја донесе историската победа на најтешкото автомобилско натпреварување на светот, пустинското рели Дакар. Годинешниот триумф не е само освојување на првото место, туку е историска победа.

Уште еднаш Audi ја пишува историјата на автомобилскиот спорт. За прв пат, прототип со ниски емисии со електричен погон, батерија со висок напон и енергетски конвертор победи на најтешкото пустинско рели во светот. Тоа е Audi RS Q e-tron.

Шпанците Карлос Саинц и Лукас Круз ја обезбедија првата победа на Audi на релито Дакар по околу 7.900 километри со водство од 1 час и 20 минути пред второ пласираната екипа. Финиш линијата ја мина и вториот тим на Audi во состав Матијас Екстром и Емил Бергквист.

Со ова Audi уште еднаш постави пресвртница во мотоспортот. Победата на најтешкото пустинско рели во светот со електрифициран погон го покажува патот кон електричната иднина и го потврдува долгогодишниот слоган на марката „Vorsprung durch Technik“ (предност преку технологијата).

Audi RS Q e-tron има електричен погон на сите тркала. Снабдувањето со енергија го обезбедено  високонапонска батерија, која се полни преку мотор генератор и енергетски конвертор, со што се заштедува 60 проценти од емисиите на CO2 во споредба со погон само на конвенционални горива. Триумфот на релито Дакар не беше лесен за Audi бидејќи требаше да се спротивстави на двете марки кои се ветерани во овој циклус, Тоyotа и Ford, како и искусните противници од Prodrive, кои се покажаа како тешки соперници.

Карлос Саинц и Лукас Круз го обезбедија своето големо водство од шестата етапа. За двајцата Шпанци, кои завршија на првото место во 2010, 2018 и 2020 година, ова е четврти успех на релито Дакар со различна марка, вклучувајќи го и Volkswagen.

Сепак, двократниот светски шампион во рели Саинц и неговиот искусен совозач не можеа да бидат сигурни во својата победа до пред крајот на натпреварувањето. Себастиен Леб и Фабијан Луркин од тимот BRX, беа силни ривали кои им дишеа во вратот додека нивниот болид не претрпе штета на претпоследниот ден.

Така тимот испиша ново поглавје за Audi, но и во историјата на релито Дакар. Дневните етапи, често подолги од 400 километри, две маратонски етапи со ограничено или дури и без мрежно покривање, како и 4.600 километри брзински испити  од вкупните 7.883 километри го карактеризираа релито Дакар во 2024 година. Карлос Саинц, кој на 61 година се навраќа на рели кариерата која се протега околу четири децении, забележа вкупно осум дена во водство со Лукас Круз на дванаесетте етапи.

Под техничко раководство на д-р Леонардо Паскали, Audi Sport ја постави следната историска пресвртница со иновативниот погон. Ова не е прв пат Audi да ја менува историјата во релито. Тоа го направи во  1980-тите со Quattro погонот на сите тркала. Пред марката да се соочи со екстремните предизвици на релито Дакар и да триумфира како прв производител со електричен погон, Audi го имаше првиот целосно електричен тркачки автомобил со кого дебитираше во Формула Е.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER