Интервју – Пјер Леклерк, главен дизајнер на Citroën

Секогаш настојувајте повторно да измислите нешто!

Во рамките на светската премиера на Citroën С4 Х имавме можност да разговараме со главниот дизајнер на „двојниот шеврон“, Пјер Леклерк. Харизматичниот Белгиец одлично се снајде на своето ново работно место покажувајќи дека авангардноста која ја негува марката може да се препознае во многу елементи, не само во надворешниот изглед. Имавме само половина час за „вкрстено испрашување“ преку кое дознавме работи кои се вредни да ги споделиме.

Каде можеме да го сместиме С4 Х? Кои се купувачите а кои главните конкуренти?

Се надевам дека на луѓето ќе им се допадне автомобилот. Искрено, на почетокот немавме одговор на тоа. Не знаевме што ќе биде. Можеше да биде многу нешта. Но мислам дека секогаш треба да се трудиме да донесеме на пазарот нешто што е можно поемотивно.

Кои се конкурентите?

Па, очигледно седаните. Нивната популарност е доведена во прашање веќе неколку години. Лошо е во одредени земји, ако не и во сите. Затоа се обидуваме да донесеме нешто што е малку повозбудливо, нешто што е малку поинакво, неочекувано во светот на седаните.

Седаните беа многу успешни со децении но сега скоро да запреа, а овој автомобил комбинирана од сé – кросоверите, седаните…

Автомобилот е малку подигнат, што е битно за комфорот. Комфорот е нешто што навистина сакаме да го има секој автомобил. Оваа комбинација има многу изненадувачки ефект. Кога ќе погледнете, навистина не разбирате што е. Истиот впечаток го имавме и со C5 X првиот пат кога го покажавме на новинарите. Но тие ја сфатија убавината кога го провозеа низ град и на отворен пат, го разбраа. Мислам дека приказната е иста. Ако го пробате ќе разберете, а и дизајнот е многу субјективен. Се надевам дека повеќето луѓе ќе бидат возбудени од него.

Предизвик е да се користи ист дизајн и за електрична верзија и за верзијата со мотори со внатрешно согорување?

Па, ако започнете проект со електрична платформа само тогаш веројатно ќе направите нешто играјќи со волумените, ќе играте со работи со кои нема да играте на мултиенергетска платформа. Значи, тука имаме автомобил кој треба да биде и со класични мотори и електричен. Разликите помеѓу верзиите се минимални.

Првите електрични автомобили беа прилично здодевни, со здодевен дизајн, а вака електричните автомобили не изгледаат како електрични.

Мислам дека на мултиенергетска платформа, разликите меѓу различните верзии на автомобилот, се многу минимални. Но ако ја пробате електрична верзија, ќе видите дека тоа е она што има смисла.

Го имплементиравте специфичниот дизајн на марката на истата платформа која се користи кај повеќе брендови. Каков беше предизвикот?

Во право сте. Порано бевме четири марки. Денес имаме четиринаесет. Затоа секоја година имаме голема презентација на која им ги покажуваме на Карлос Таварес и сите врвни директори на компанијата гените на секој бренд. Тоа е многу сериозна презентација која трае 45 минути и на која покажуваме каде сме, кои се вредностите на брендот и каде сакаме да одиме. Имаме и модели кои во поглед на дизајнот покажуваат каде сакаме да одиме. Јас сум одговорен за Citroen, има по еден главен дизајнер за секој бренд.

Но, над нас се двајца, Жан Пјер Плуе кој е шеф на дизајнот за седум бренда и Ралф Џилс во САД кој е одговорен за другите брендови. Нивна работа е да ни кажат: внимавајте – ова го видов во Alfa Romeo или кај Peugeot. Така, многу често се среќаваме со шефовите на дизајн од другите брендови да споделиме информации. Силно верувам дека колку повеќе споделуваме, толку повеќе можеме да разликуваме. Затоа споделуваме и потоа се трудиме да се погрижиме да имаме силни гени и своја територија. Тоа функционира прилично добро.

Дали мислите дека ова е можеби новото поглавје во трендовите на дизајнот на автомобилите, седан-SUV кросовери или што и да се, бидејќи сега сé е SUV, па јавноста сака нешто ново?

Мислам дека сепак сé уште ќе има седани, ќе има SUV-модели, ќе има кросовери. Не е тајна дека со електричните платформи нашите автомобили ќе станат малку подебели. Значи, играме со волумени на кои не сме навикнати. Потоа, во однос на ентериерите ќе видиме големи разлики. Но мислам дека колачот не расте толку многу, а секој сака поголем дел од него. Затоа, ние се обидуваме да ги заведеме луѓето и се обидуваме секогаш повторно да најдеме нешто ново, а денес на преполниот пазар тоа е многу тешко. Значи, не можете само да следите. Мора да ризикувате и да се обидете да најдете нешто поинакво.

Значи ли дека C4 и C4 X се дизајнирани во исто време? А, од друга страна како ќе избегнете, како ќе ги убедите луѓето да не кажат дека тоа е само C4 седан, што е ризично?

Не, C4 X е дизајниран после C4. Одделот за производи од самиот почеток знаеше дека сака два производа со многу различни клиенти, со различен волумен, можеби и на некои различни пазари. Но, очигледно е дека C4 X е направен потоа, се разбира на основа на C4.

Тоа се правилата на игра. Мислам дека, како и кај многу автомобили во индустријата, се обидувате да користите дел од друг и потоа да донесете нешто што е можно поинакво. Во однос на дизајнот, ако ги погледнете двата автомобила, тоа е очигледно.

Мислам дека воспоставивте доволно силен ентитет со C4 за да можете доволно да го разликувате C4 X од него, за да покажете дека се обидува да привлече сосема поинаков вид на купувачи, претпоставувам?

Да, очигледно, C4 e исклучително компактен. И ако го погледнете дизајнот на C4, имате нешто суперинтересно на задниот дел, стаклото со изразен спојлер на него а задните светла се прикачени на стаклото, што всушност е нешто навистина уникатно. Значи, она што го сакаме е исклучително чисто, многу растегнато, многу повеќе обоено тело. Опашката е целосно изолирана во бојата на телото. Сите овие одлуки беа донесени пред да почнеме да скицираме, за да бидеме сигурни дека ќе ја достигнеме различноста.

Зошто за лансирањето избравте конзервативни бои? Citroen во минатото беше многу храбар во изборот на колорити, а сега промо верзиите се бела и темно сребрена металик? Каде се пастелните бои што беа форсирани?

Тоа е добро прашање, всушност… Знаете, автомобилот што го гледате десно е автомобил што секогаш го претставувавме во дизајнерското студио. Сребрената за нас, без разлика дали е светло сребрена или темно сребрена, е многу добра бидејќи тоа е бојата што ги рефлектира најсините тонови на небото, топлината на земјата или различните бои. Така најдобро ги согледуваме мускулестите делови на автомобилот. Таа за мене секогаш би била добар избор да им покажеме на луѓето што сме направиле во однос на дизајнот. Белата пак прави нешто сосема поинакво. Да бидам искрен, белата никогаш не сме ја пробале за време на процесот на дизајнирање бидејќи знаеме дека ќе ја има. Но, првиот пат кога ги видовме претпроизводствените примероци, се заљубивме во белата. Црната графика додава сосема поинаква душа. Црната и темно сивата речиси создаваат една маса, една пропорција. Тркалата, се разбира, играат голема улога. Црната пластика и графиката на прозорците во основа се игра со целиот отисок. За мене тоа се две различни возила. Но не грижете се, секако дека ќе има голем избор на бои.

Дали е тајна колкав беше буџетот за дизајнирање? Дали имаше многу ограничувања?

Да бидам искрен, не го ни знам одговорот. Јас точно не знам колку чинеше овој проект.

Доволно фер одговор.

Ќе бидам уште пофер. Во Citroen мораме да ги правиме работите на паметен начин бидејќи идејата не е да им нудиме суперскапи производи на луѓето. Ние сме брендот на групата кој ќе прави популарни проекти. И лично, тоа е страна на компанијата што навистина ми се допаѓа. Значи, работите треба да ги направите на паметен начин. Но, ние се бориме…

На паметен начин се обидува Dacia. Дали ќе го следите тој тренд? Дали е ова продукт на новите правила во групата, бидејќи знаеме дека сега не треба да бидете толку храбри и авангардни бидејќи таа улога ја има DS…

Не! Воопшто не би го рекол тоа. DS е друга приказна и тие имаат долгорочен план. Знаеме дека Citroen е големосериска марка, но не сакаме да имаме големосериски дизајн. Сакаме да ги изненадиме луѓето. Сакаме така да продолжиме. Сега гените на брендот се развиваат многу брзо. Ја задржуваме истата филозофија, но сакаме нашиот дизајн доста да се развива. Тоа ќе го видите во иднина. Продолжуваме да преземаме доста голем ризик. Со секој проект се трудиме да бидеме креативни, секогаш сакаме да отидеме што подалеку.

Во минатото имаше проблеми со Škoda Octavia и VW Golf со позицијата на тежиштето – кога ќе се земе платформа од хечбек и ќе ѝ се стави багажник, балансот се поместува. Дали имате информации за тоа? Конкретно за овој автомобил, дали го имавте истиот предизвик?

Ние го немаме тој проблем. Го тестиравме овој автомобил доста, имаме луѓе кои го прават тоа. Ние нема да го имаме тој проблем.

Тие имаат тенденција да имаат малку немирен заден дел бидејќи тежиштето е малку подалеку…

Ќе мора сами да пробате, но според моите сознанија не доаѓа до тоа. Тој е убав автомобил за возење.

Она што ми се допаѓа кај Citroen е тоа што додека сите други се обидуваат да ги бркаат времињата по круг и да зборуваат за брзината и така натаму, Citroen секогаш ја става удобноста на прво место. Колку е тешко да се пренесе таа цел за удобноста во дизајнот, да се извести купувачот само со еден поглед дека автомобилот е удобен, особено кога тркалата стануваат сé поголеми бидејќи луѓето тоа го бараат, што негативно влијае на удобноста. Но, како дизајнот влијае на тоа? Како да му дадете до знаење на човека дека овој автомобил е удобен?

Да, тоа е многу добро прашање. Всушност, мислам дека би можеле да разговараме за тоа доста долго. Можеби првото нешто е што јас не сум Французин, јас сум Белгиец. Кога дојдов во Франција да ја преземам оваа работа, мислев дека Peugeot и Citroen се многу блиску. Но, ми покажаа некои студии за клиентите на двете марки и сфатив дека тие се сосема различни. Нашите клиенти очекуваат удобност, практичност, прилагодливост. Тие се помодерни. Побрзо ќе преминат на електриката, на пример. За мене овие разлики кај клиентите беа суперинтересни. Сега, во однос на удобноста, има толку многу работи што треба да се направат. Се разбира, во однос на пропорциите ќе имаме различно растојание од подлогата, различни димензии на тркалата, сите овие работи влијаат на удобноста во внатрешноста. Не се само седиштата, се разбира. Можеби нема да брзаме со толку многу екрани како другите брендови, но сакаме сето да биде совршено функционален и да го имате за најдобра цена. Толку многу работи има на кои треба да се работи. Очигледно, треба да се погрижиме да го разбереме тоа во брендот. Не работиме за времињата по круг и перформансите. Ние сме популарен бренд и јас сум среќен што работам за популарен бренд бидејќи многу брендови велат дека сакаат да бидат премиум, но ние сакаме да бидеме популарен бренд. Мислам дека тоа е многу храбро и тоа е мисијата што ја правиме кон нашите клиенти и удобноста. Видете, отидовме во Индија пред три недели за да го лансираме нашиот нов мал Citroen таму и се покажа дека индиските клиенти ја разбираат удобноста. Тоа за мене беше голема победа за брендот, големо признание.

Имам едно прашање за постарите автомобили. Дали постои одреден начин на дизајнирање кога имате такви препознатливи автомобили од минатото? Затоа што навистина не гледаме никакво влијание од постарите автомобили во поновите. Храбро е да се има убави и чисти линии, но јас пораснав со Citroen DS, GS, CX, XM, ерата на Pop Art… Од секогаш сум имал слабост кон нив. Како се навраќате на постарите автомобили кај поновите?

Исто така добро прашање. И јас пораснав со некои од нив, дедо ми имаше CX. Но како дизајнер јас сум многу среќен што од нас не се бара да правиме ретро дизајн. Всушност би било многу лесно да се каже: Добро, знаете што? Ќе направиме ревитализација на Спачек. Тоа е прилично лесно да се направи. Но, од друга страна, треба да се задржи филозофијата на Citroen. Секогаш обидувајте се повторно да измислите нешто, обидете се да најдете тежина, да најдете цел, да направите одличен дизајн инженеринг. Затоа што за мене тоа е Citroen, неверојатниот дизајн инженеринг. Затоа, ајде да се обидеме да ја задржиме истата филозофија, но дизајнот е да изгледаме сосема поинаку, да изгледаме свежо.

Ви благодарaм.

Ми беше задоволство.

Линк до интервјуто со Винсент Кобе:

Новитети

 

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER