Интервју – Линда Џексон и Фил Јорк

Share on facebook
Share on twitter
Share on linkedin

Ќе ги задржиме цените и ќе понудиме модерни технолгии

По втор пат во изминатите три месеци се сретнувам со Главната извршна директорка на Peugeot Линда Џексон и директорот за глобален маркетинг на компанијата Фил Јорк. Првиот беше непосредно, на тркалезната  маса одржана на парискиот мотор шоу, а сега по пат на видео врска, по претставувањето на  концептот Inception на саемот за конзумерска електроника во Лас Вегас. За овој краток временски период Peugeot обзнани смерови што ќе ја обликуваат иднината на брендот, не само по прашање на погоните, туку и во смер на дизајнот, технологиите, автономното возење и одржливите материјали кои ќе ги имплементира во блиска иднина. Организатор на оваа видео средба со македонските новинари беше Еуроимпекс, три деценискиот партнер на Peugeot за Македонија, а во своето портфолио ги додаде Србија, Црна Гора, Косово и Албанија.

Со претставувањетo на Inception, одбравте да ги претставите идните технологии кај модел кој не е спортско-корисно возило. Што сакате да потенцирате со тоа, и дали тоа навестува нов тренд во индустријата?

Линда Џексон: Одлично прашање… Да, одбравме да претставиме нов, 5 метри долг автомобил наместо спортско-корисно возило. Ова е начин за да ги претставиме сите технологии кои сакаме и ќе ги вградуваме во автомобилите на Peugeot. Сакавме да направиме демонстрација која ќе ги одрази тие технологии и истовремено ќе биде прекрасен концепт автомобил. Во однос на вашето прашање за самите СКВ модели, тоа е прашање на место. Во новите автомобили требата да постигнеме поголема аеродинамичност и помала тежина за да постигнеме подобра ефикасност на возилата. Сосема природно е формата на СКВ моделите да еволуира. Тоа не значи дека нема да имаме и дека луѓето не бараат вакви возила. Тие даваат повисока возачка позиција и модуларност што им се допаѓа на купувачите. Како што знаете 3008 и 5008 се супер-успешни модели. Со концептот Inception заземавме поинаква насока со цел да ги покажеме технологиите, но и нема сомнеж дека повеќето производители ќе го менуваат дизајнот на спортско-корисните возила бидејќи мораат да бидат поаеродинамични.

Ние тоа го направивме со 408 кој е мешавина на седан и СКВ. Целосно нов концепт со повисока возачка позиција од 308, но не толку висок како кај 3008. Ние бараме начини да станеме поефикасни во однос на емисиите на CO2 и аеродинамика, и тоа ќе влијае директно на новите каросериски концепти кои доаѓаат.

Hypersquare управувачот е инвентивен и ќе дојде во сериско производство во следните неколку години? Дали и како ќе го биде одобрен од регулаторите од аспект на безбедноста?

Линда Џексон: Знаете, го развиваме Hypersquare во линија со сите регулативи кои мораме да ги почитуваме. Hypersquare ќе пристигне во нашите возила во 2025-2026 и Hypersquare користи електронска steer-by-wire технологија наместо механичка врска меѓу управувачот и тркалата. Тоа го прави екстремно интуитивен и респондивен на мали движења. Секако, сите технологии кои ги претставуваме се подложни на регулативи и ги исполнуваат највисоките безбедносни стандарди.

Фил Јорк: Би додал дека една од најважните точки кај еден Peugeot е уживањето во возењето и i-Cockpit со малиот управувач е круцијален елемент за тоа. Hypersquare е следната еволуција на тој i-Cockpit и ќе овозможи значителна еволуција на пристапот. Веќе го тестиравме кај многу корисници и тие мислат дека е природен и интуитивен за користење.

Најавивте нови, поефикасни батерии, нивно индуктивно полнење и нови автономни технологии. Кога да ги очекуваме?

Линда Џексон: Овие технологии доаѓаат од палетата на Stellantis и неколкуте различни платформи. Концептот е поставен на STLA Large платформата и првите возила базирани на оваа платформа ќе ги видиме најверојатно во следната година.

Во однос на технологиите за индукциско полнење, ако тоа се прифати како стандард во идустријата, има потенцијал да направи револуција во полнењето на јавни паркинзи, гаражи, итн.

Фил Јорк: Некои од технологиите се блиску до сериско производство. Индукциското полнење, сега за сега, е визија која сакаме да ја воведеме, но немаме специфична временска рамка за воведување на технологијата. Сепак, во рамките на Stellantis се работи на ова.

Што е сменето во идустријата за повторно да видиме храбри дизајни како пред 20 години?

Линда Џексон: Одлично прашање! Што се смени? Електрификацијата ни ги отвори хоризонтите. Концептот за кој зборуваме е следната генерација на електрични возила на Peugeot. Рамниот под овозможува да се избегнат конструкторските компликации за преносот, а тоа пак ни ги одврзува рацете при дизајнирањето, тоа е како ново платно на кое се прави ново дело и каде тоа може да не однесе. Секако, тука е животниот стил во кого нераздвоен дел сега се нашите паметни телефони… Прашањето е како да го интегрираме телефонот во нашите автомобили, бидејќи тоа го правиме секој ден. Овие две работи ни ги отворија видиците, а со електрификацијата доаѓа и автономно возење… Соединувањето на овие работи не носи кон нови, возбудливи дизајнерски измени. Сакаме возилата да бидат лесни, ефикасни, да искористиме различни, напредни материјали… Сакаме да ги исполниме нашите цели и да станеме јаглеродно неутрални до 2035, односно да ги намалиме за 50% емисиите до 2030. Inception не е концепт кој е креиран само да изгледа убаво, туку сакаме да ги претставиме технологиите кои ќе ги користиме во нашите автомобили.

Фил Јорк: Автономното возење додава нова перспектива и им овозможува на нашите дизајнери дополнителна слобода во однос на тоа како и за што ќе го искористат просторот.

Дали ќе видиме напредни рециклирани материјали во сериските автомобили?

Линда Џексон: Во концептот Inception се искористени неколку различни рециклирани материјали. Секако дека ќе ги користиме рециклираните материјали,  можеби не идната година, но за следната генерација возила која треба да дојде од 2025-2026, секако! Не само што сакаме, туку и мораме. Имаме цел која сакаме да ја постигнеме, а дел од таа приказна се ваквите напредни материјали.

Фил Јорк: Тука се и материјалите кои веќе нема да ги користиме и ќе ваквите измени ќе се одвиваат уште побрзо. Inception нема хромирани елементи. Овој автомобил е убав, и тоа го постигнавме со поинакви материјали. Знаеме дека хромирањето не е најодржлив процес, па ова е еден пример за правење на убав автомобил без да се прибегнува кон помалку еколошки процеси.

Дали мислите дека може да се намалат екраните за да се подобри вниманието на возачот. Кој е минимумот тука?

Линда Џексон: Да, јас сум поборник за помалку екрани. Овој тренд на неколку екрани е премногу, и она што сакаме да го направиме со i-Cockpit е екран кој сакаме да го видите над управувачот односно над Hypersquare. Со Halo Cluster сакаме уште повеќе да го поедноставиме тоа. Сакаме корисниците да имаат информации, но не премногу. Но од друга страна, кога се вози автономно како што тоа го предвидува концептот, се добива голем, филмски екран. Тоа е во ред бидејќи е целосно автономно патување. Во тој случај многуте екрани не му го одземаат вниманието на возачот неопходно за безбедно управување.  Сакаме да избегнеме многу екрани и токму тоа го планираме кај Peugeot. Ние сакаме возачот да ги добие важните информации, не да биде затрупан од секакви податоци. Поминавме низ една фаза, не само Peugeot, туку целата индустрија, во која имавме премногу информации, а 50% од функциите во автомобилот, корисниците едноставно не ги користат. Истражувавме многу за да разбереме кои технологии ги користат, кои не, но на крајот се работи за избор.

Во последните две години сведоци сме на константно поскапување на возилата, тоа се случува секој квартал. Воведовте многу нови технологии во изминатите години, но како тие ќе влијаат на цената на автомобилите? Автомобилите стануваат сè поскапи! Како купувачите ќе можат да Ве следат, да ги платат новите модели со повеќе технологија која е скапа?

Линда Џексон: Фер прашање. Ние се позиционираме во повисоките сегменти, односно на врвот на мејнстрим сегментот. Сакаме да останеме таму и не сакаме да одиме повисоко. Во споменатиот период сите производители ги зголемија цените. Тоа е поради инфлацијата, пореметениот ланец на снабдување и други фактори. Но ние мораме да избереме кои технологии ќе ги ставиме во малите автомобили, кои во поголемите, соодветно ценовно да ги позицонираме и да бидеме ценовно оправдани. Затоа разгледуваме и различни материјали. Идејата е да го задржиме денешното позиционирање и да ги понудиме технолгиите кои сегментите во кои имаме модели ги очекуваат.

Фил Јорк: Секако, разгледуваме и други опции за купување и плаќање на возилата. Воведуваме и претплати кои ќе им олеснат на купувачите и возилата ќе бидат достапни. Во франција воведовме претплата која се нарекува Peugeot As You Go. Тоа е ниска претплата од 150 евра месечно со вклучено користење од 500 километри, а дополнително поминатите километри се доплаќаат. Ваквите програми ќе ги направат автомобилите достапни за нови генерации на купувачи кои можеби не сакаат да купат автомобил, но сакаат тој да им биде достапен.

Сподели

Последни новости

Најнова епизода

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 82.00 ден
  • еуросупер 98 - 84.50 ден
  • еуродизел Д5 - 73.00 ден
  • течен нафтен гас - 50.00 ден
  • метан - 82.50 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER