Има ли крај за поскапувањата на горивата?
Објавено на 15 октомври 2018 година
Нема – така меѓу редови со својата одлука порача регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија испорачувајќи ни ја најновата своја пресметка според која од ноќеска на полноќ за дериватите ќе плаќаме поскапо во просек за 3,62%. Преведено на јазик што подобро го разбираме тоа значи дека со оваа одлука за литар еуросупер БС-95 ќе плаќаме по еден денар повеќе, за литар еуросупер БС-98 по денар ипол, а за литар еуродизел Д-Е V по 2 денари повеќе отколку досега. Така, отсега па во наредните две недели на бензинска ќе ни побараат по 74,50 денари за литар од нормалниот бензин, за оној посилниот од 98 октани два денари повеќе, а за дизелот по 69 денари. Образложението, ако ве интересира, е дека просечната цена на суровата нафта на светскиот пазар во изминатиот 14-то дневен период пораснала за 4,74%, доларот за 0,96%, а референтните цени на нафтените деривати кај бензинот за 1,99% и кај дизелот за 4,17%.
Она што повеќе ќе ве интересира е дека со ова најново покачување цената на дизелот опасно се приближува до историскиот рекорд од пред пет години, кога тој чинеше 73 денари за литар. Тоа, патем кажано, е скоро двојно повеќе од минимумот откако горивото со оваа спецификација се продава кај нас, кое на почетокот на не така далечната 2016-та изнесуваше едвај 39 денари за литар.