Започнаа забраните за дизели и во Велика Британија
Објавено на 11 ноември 2019 година
Дизелофобијата ја зафати и Велика Британија – Бристол е првиот град кој ги исфрли овие возила од своите улици, засега само од центарот. Воведена е посебна, таканаречена зона на чист воздух, во која тие од 2021 година нема да можат да влезат, засега само од 7 до 15 часот кога е најголемиот промет во сообраќајот. Доколку некој сепак се обиде да го стори тоа, ќе биде драконски казнет заради што оваа зона која со текот на времето ќе се проширува, ќе биде покриена со систем за автоматско препознавање на регистарските таблички. Градските власти велат дека се одлучиле за оваа ригорозна мерка заради големиот степен на загаденост на воздухот. Тие сепак имаа малку слух за комерцијалните возила кои вршат достава низ градот, на кои влезот во зелената зона ќе им биде овозможен доколку платат за тоа. Цената се движи од 9 фунти за малите комбија до 100 фунти за автобуси. Истовремено, градската администрација на Бристол најави дека ќе ја шири мрежата електрични полначи и ќе гради нови велосипедски патеки.