Ексклузивно : Возевме – Fiat 600e Red

FIAT го прошири своето електрично портфолио со компактен кросовер кој продолжува со носталгичното потсетување на богатото минато на компанијата. 600е ќе ги предизвика ривалите со атрактивна појава, палета на весели бои и електричен погон што добро се вклопува во неговата намена

Што е 600е?

FIAT има прилично високи очекувања за 600e. Тој треба да ја поддржи транзицијата во ерата на електричен погон. Марката не се откажува од моторите на согорување, па електричната верзија не е единствената понуда. 600е доволно е мал за да им се допадне на самците и паровите, но доволно е голем за да служи како главен автомобил за малите семејства. Дизајнерски успеа да го пренесе La Dolce Vita чувството.

Основа му е платформата на Stellantis која ја употребуваат повеќе модели на групацијата поради што мораа да се направат одредени компромиси. Со својот фанки изглед несомнено е еден од најатрактивните компактни кросовери, возило што лесно се препознава во градскиот метеж и способно да биде во центарот на вниманието.

На прв поглед

FIAT го примени максималниот надворешен „сладок“ ефект за новиот 600e, што е пристап кој сигурно ќе функционира добро. Во ред, нагласено е инспириран од помалиот 500e, што е разбирливо. Доминираат слатките тркалезни фарови и дневни светла, големи и експресивни задни светлосни групи, а познатиот профил е поставен повисоко како што му доликува на статусот на кросовер.

Пораката дека не е напумпан 500 е испишана насекаде. Првично доминантно е логото 600  помеѓу фаровите, потоа следува хромиран 600 детал на страничните прагови, а потоа и дополнителен амблем 600 во задниот браник. Само за добра мерка, средиштето на тркалата од 18 инчи исто така пишува 600 така што не можете да се сомневате во кој FIAT гледате. Покрај тоа, има мал амблем „e“ на багажникот за да го означи електричниот статус на овој автомобил, што исто така го прави неопходно автомобилот да се нарекува 600e, а не само 600.

Тоа е затоа што моделот ќе биде достапен и со благ хибриден систем во наредните месеци, па од таму е потребата јасно да се разликува целосно електричниот модел од остатокот од електрифицираната линија. Можеби најинтересната визуелна карактеристика на 600e се боите во кои ќе биде достапен. Ова е првиот автомобил лансиран од италијанскиот производител откако објави „нема повеќе сребрени и сиви“ бои! Сега палета нуди светли бои инспирирани од Италија. Како целина 600е делува атрактивно, шминкерски, едноставно многу италијански.

Во внатрешноста

Поради сиот стилски надворешен дизајн и низа привлечни завршетоци, штета е што внатрешноста на FIAT 600e не е толку живописна и оригинална. Дели многу со сродниот Jeep Avenger, при што дизајнерите поставија голем овал каде го сместија 7 инчниот екран за дигиталните инструменти, компонента со која се врзува со кабината на помалиот 500e.

Сепак интериерот остава добар впечаток благодарение на деталите. Седиштата имаат вез со лого на FIAT, тие се особено убави за гледање и, уште поважно, за седење, додека воланот со два крака е пријатен за држење и се навраќа на најславните денови на компанијата во 1960-тите. Сега дури 91 отсто од ткаенините се направени од рециклирани пластични шишиња. Централно поставениот екран од 10,25 инчи на инфозабавниот систем, здрава доза на физички прекинувачи и копчињата за менувачот се комплетно превземени од Јееp Avenger.

Просторноста на предните седишта е добра.  Можеби 600е не е баш најпростран за оние што седат позади. На крај на краиштата, повеќе неможе да се очекува од возило долго 4,17 метри. Багажникот има корисни 360 литри. Така, иако внатрешноста на 600e не е толку добра како надворешноста, сепак е доволно добра за да ја направи севкупната привлечност на автомобилот прилично висока уште од самиот почеток.

Возејќи го…

Кога го возев 500e добив печаток дека тоа е радосен автомобил за возење. За жал FIAT не успеа да го пресади таквиот карактер во поголемиот 600e. Сепак, да бидам фер кон инженерите на FIAT, тоа не е нивна вина.

Има многу возила во групата Stellantis кои користат ист хардвер како 600e. Toa е најновата platformа eCMP2 со електричен мотор од 115 kW и пакет батерии од 51 kWh нето енергетски капацитет. Инженерскиот тим на FIAT нема направено нови компоненти на суспензијата за автомобилот. Сè што требаа да направат беше да ја прилагодат кабината на добиената платформа. Затоа возењето на 600e многу потсетува на Jeep Avenger што е и очекувано.

Сепак, постојат разлики. 600e забележливо е помек од Avenger, што сметам дека е добро за состојбата со нашите патишта. И покрај неговата мекост, тој е стабилен. Поставен на меѓуоскино растојание од 2.562 мм, 600е има круг на вртење од 10,5 метри, што допринесува да биде многу маневрабилен и удобен во градско возење. Како и секое EВ, 600e е многу потивок од кој било автомобил со мотор со внатрешно согорување, особено кога возите по мазен асфалт низ градот. Возењето е смирено и тивко. Тргнувањето се случува без да забележите. Не е дека ќе почувствувате лепење за седиштата но, 600е не е досадно тром.

Воланот е премногу лесен. Очигледно дека во неговото подесување во преден план било да биде што е можно попријателски настроен кон градските возачи. Овој впечаток останува и кога ќе го вклучите модот на возење Sport. При нагли маневри изостанува цврста повратна информација од тркалата. Управувањето всушност е прецизно и доволно уредно, но без душа. Меката суспензија на 600e навистина има добар апетит за големи нерамнини, главно без каросеријата да плива премногу. Впечатокот се менува кога се вози на автопат со повисока брзина.

Префинетоста се губи кога површините на патот се лоши или кога брзината на движење е поголема. Работењето на суспензијата и нејзиното справување со нерамнините малку повеќе е нагласено. При поголеми брзини се јавува нагласен шум во кабината кој доаѓа од струењето на воздухот. Исто така, бучавоста на гумите се наметнува штом ќе поминете 100 км/ч. На полигонот во Теесдорф го продолживме тестирањето во изолирани услови и симулирани сценарија.

Тука најдобро може да се процени карактерот на возилото донесувајќи го во екстремни ситуации. Иако во прв план FIAT 600е скроен за удобност, на полигонот се покажа како вешт избегнувач на пречките. Добро, не е спортски автомобил, но неговото владение неможе да се класифицира како лошо. Кога се вози ентузијастички каросеријата забележително се наведнува. Колку и да сакате да претерате тука е контролата на стабилизацијата да ги превземе работите. За жал нејзиното работење е доста остро и авторитативно дури и при најмал знак на квичење на пневматиците.

Овој пристап не е типичен за FIAT и треба да се препише на заедничката платформа за сите братучеди од семејството Stellantis. Истото важи и за погонот. Тоа е истата единица со 154 КС што се наоѓа во Jeep Avenger, Peugeot e2008 и ажурираната Opel Corsa Electric. FIAT тврди дека 600е постигнува максимални 150 км/ч, а од мирување до 100 км/ч потребни се девет секунди. За волја на вистината, кога возите низ градот, огромната моќност и кратките времиња на забрзување се прилично бесмислени.

Она што навистина е важно за EВ во градска експлоатација е неговото однесување во распон од 0–50 км/ч. Во тој дијапазаон, па и повеќе, 600е остава одличен впечаток. Добар впечаток остава и поддршката за брзо полнење од 100 kW, што може да ја наполни батеријата од 20 до 80% капацитет за помалку од половина час. Батеријата со нето капацитет од 51 kWh, барем како што официјално тврди FIAT е 400 километри, додека во градски циклус на возење со регенерација на батеријата би можеле да дофрлите 150 км повеќе.

Поради циклусот на тестирање немав можност да ги проверам овие податоци, но прилично сум сигурен, дека пријавените на борд компјутерот 16,3 kWh на изминати 100 километри се реални. Во оваа потрошувачка влезени се и малтретирањата на патека. Затоа афирмативно се изразувам за потрошувачката иако според декларираното, би можел да поминам помалку од најавените 400 км. Но, сигурен сум дека во секојдневното возење никој не вози како што се вози при тестирање.

Што добивате за вашите пари?

Моделот 600 во Македонија треба да пристигне во текот на наредната година кога увозникот Аутомобиле СК ќе ги потврди цените и спецификациите.

На било кој пазар да настапи 600е доаѓа со богата опременост. Тестираниот модел Red кој е дел од промотивната кампања може да се пофали со LED светла, 18 инчни тркала, системи за безбедност и асистенција на возачот, солиден инфозабавен систем. Сепак ќе останам воздржан додека не се дознае официјалната цена кога 600е ќе пристигне кај нас.

Колку чини 600е?

Цената во Македонија останува непознаница додека 600е нé слета тука. Затоа како ориентирна ја приложуваме италијанската цена за моделот 600е Red. На тамошниот пазар се нуди  31.000 евра. Доколку таа биде иста кај нас, тогаш овој секси автомобил ќе биде прифатлив за нашиот пазар.

Се разбира, благодарение на Шпаркасе Лизинг каде со 6.820 евра учество ќе ги добиете клучевите од привлечниот 600е. Бидејќи треба сé да биде во знакот на шестката, одбравме лизинг периодот од 60 месеци. Во тој случај месечната рата ќе изнесува 507 евра.

Резиме

Иако на пазарот има неколку електрични кросовери кои се подобри за возење, привлечноста на целосно новиот FIAT 600e ќе дојде, главно, од неговиот изглед. Ако отсекогаш ви се допаѓале помалите модели од Торино, но сте сакале нешто попрактично, со полесен пристап во внатрешноста, попространи задни седишта и поголем багажник тука сте на вистинската адреса. 600е нема ниту најмалку да ве разочара, а на располагање има и добар електричен опсег.

Овој кросовер е прилично тешко да се победи. Не е особено привлечен во возењето и се бори да ги исполни своите цели како компактен електричен семеен кросовер бидејќи не нуди доволно простор за нозете во задниот дел за возрасни или дури и за тинејџери. И покрај ова, 600e, е силен пример за да биде најдобриот мал електричен кросовер во групата Stellantis. Со својата смела палета на бои, добро осмислена внатрешност и совршена насмевка, тоа е прилично пожелно возило.

Севкупно, 600e е добар прв обид на FIAT да се одвои од корпоративната конфекција. Колку што можеа. Италијаните се мајстори од ништо да направат нешто. Па нека не ве зачудува што успеаа да го вметнат духот на La Dolce Vita со смиреноста на Dolce far niente.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER