Renault 18 (1978-1989, во Аргентина до 1998)
Како наследник на успешниот Renault 12 имаше тешка задача, но ја исполни
Замислувајќи го како своевидна народна, нелуксузна лимузина, Французите го лансираа Renault 18 со желба да ја наследи харизмата на неговиот претходник. Но во 1978 година конкуренцијата беше посериозна отколку во 1969-тата кога се појави Renault 12 и задачата му беше тешка. Со продажбата од преку два милиони примероци сепак успешно ја исполни.
Renault 18 го задржа и дополни концептот на лимузина со размерно кратко меѓуоскино растојание, преден погон и надолжно поставен мотор. За своето време имаше солидни перформанси, но цената му беше малку над прифатливата па донекаде се сметаше за полу шминка, полу статусен симбол. Удобноста му беше на ниво иако ослонувањето беше потврдо отколку што беше очекувано од француски автомобил, но затоа стабилноста му беше подобра.
Проблемите со квалитетот не му запречија да постигне светски успех произведувајќи се во дури 13 земји меѓу кои и Австралија и Брегот на Слоновата Коска. Беа направени и помалку од стотина примероци во Романија означени како Dacia 18. Во Франција беше пензиониран во 1989-тата, три години по појавувањето на неговиот наследник Renault 21, а во Аргентина издржаа до 1998 година. Се продаваше и во САД и Канада, а на негова основа настана и атрактивното купе Fuego.