Градскиот превоз во Скопје се подновува со 33 еколошки автобуси
Производство на МАН, новите автобуси во Скопје како погонско гориво ќе користат метан
Објавено на 26 септември 2019 година
Потпишаниот договор за набавка на нови автобуси за градскиот превоз во Скопје предвидува до април идната година на улиците да се најдат 21 единечен и 12 зглобни возила од германскиот МАН, сите со погон на компримиран природен гас, односно метан. Согласно пресметките на градските власти, секој од овие автобуси во однос на сегашните на име трошоци за гориво ќе заштедува по 25.000 евра. Секако, и емисиите на штетни материи во издувните гасови ќе бидат помали, и тоа драстично. Заради конструкцијата на автобусите, односно нивниот капацитет и бројот на врати што го имаат, се истакнува и дека превозот со нив ќе биде поефикасен. Вкупната цена на набавката која ќе се реализира преку хрватска фирма, изнесува нешто помалку од 10 милиони евра.