Горивата, овој пат сите, поскапеа
Објавено на 11 ноември 2019 година
За да нема забуни во јавноста, регулаторната комисија за енергетика и водни услуги на денешната седница донесе одлука горивата да поскапат – сите од ред, а не само некои како минатата недела. Во тоа помош имаа и од расположението на светските берзи кое придонесе со тоа што во изминатиов седумдневен период ги зголеми референтните цени на нафтените деривати – кај бензинот за 2,62% и кај дизелот за 0,56%. Доларот беше малку „инаетлив” и поевтини, но неговите 0,043% скоро и да немаа никакво влијание во прилагодувањето на структурата на цените на нафтените деривати кај нас. А според него, од првата минута во наредниот ден за литар бензин 95 ќе плаќаме по еден, а за литар 98 и дизел по половина денар повеќе. Така, малопродажната цена на еуросупер БС-95 се зголемува на 68,50 денари за литар, онаа на еуросупер БС-98 на 70,50, а литар пак од еуродизел Д-Е V до наредната недела ќе нé чини 62 денари.