Ќе се спојат ли Fiat и Renault?
Што и да биде, јасно е дека од утре светот на автомобилите можеби нема да биде ист
Објавено на 27 мај 2019 година
Ќе настане ли нов, еден од најголемите производители на автомобили во светот? Renault утринава потврди дека од Fiat Chrysler добил понуда за 50-50 спојување на компаниите и дека во текот на денов ќе заседава бордот на директори за да се произнесе за предлогот, но до овој момент нема уште ништо. А тоа може само да значи дека (ќе) се води жестока дискусија и дека сé е можно. Но сепак да ги почекаме официјалните изјави и на францускиот производител и на итало-американската групација, на која откако (очигледно) се изјаловија плановите со PSA се сврте кон неговиот најблизок конкурент.
Како и да е, FCA одамна бара партнер со кој помалку болно ќе продолжи да плови низ бурните автомобилски води. Светот веќе знае дека Италијанците јавно испратија понуди најпрво пред неколку години до GM, а пред кратко време и до PSA, за сега во игра да влезе и Renault. Од првите беа глатко одбиени, вторите не се докрај (позитивно) изјаснија, а денеска се очекуваше одговорот од третите. Но што и да се случи, едно е јасно – автомобилската индустрија е пред големи тектонски поместувања и ќе ни треба доста време на сите нас да ги свариме. Посебно затоа што во целата бизнис-приказна се вмешува и политиката, посебно од Италија, од каде стигнуваат вести дека државата би требала да добие удел во учеството на новата компанија. Иако засега тоа е неофицијално не треба да се игнорира, бидејќи ќе повлече со себе лавина од домино-ефекти во кои ќе се вклучат најмалку уште и Србија и Франција – нашите соседи затоа што имаат заедничка компанија со Fiat, а Французите затоа што нивната држава сé уште е сопственик на 15% од Renault. Тоа автоматски ќе значи драстично пореметување на предложениот 50-50 план за спојување на компаниите, за кој сепак сметаме дека најпрво Renault треба да се изјасни околу можноста за претопување на алијансата со Nissan и Mitsubishi во една компанија.
Но што и да биде, јасно е дека од утре светот на автомобилите можеби нема да биде ист.