Ќе учиме ли наново што значат светлата на семафорите?
На семафорите црвено значи застани, зелено оди, а жолтото секој си го толкува како сака. Така ќе биде и во иднина, но можеби покрај нив ќе има уште едно, бело светло. Тоа го предлагаат транспортните инженери на државниот универзитет во Северна Каролина. Идејата им е со него да се овозможи на автономните возила да го подобрат протокот на сообраќајот со тоа што ќе им даде сигнал на возачите да ги следат. Според компјутерските симулации, новиот пристап значително го подобрува времето на патување низ раскрсниците и ја намалува потрошувачката на гориво. Концептот на ова почива на фактот дека е можно автономните возила да комуницираат меѓусебно и со компјутерот кој го контролира сообраќајот. Тој би го активирал белото светло кога повеќе автономни возила би се приближиле до раскрсницата, а кога ќе нема автономни возила во сообраќајот семафорот би работел нормално. Се разбира, светлото би можело да биде и со било која друга боја или пак со друг облик.
Има логика, нели?