Мислевме дека е готов, ама тој допрва ќе се доградува
Објавено на 15 јули 2019 година
Започнат во 2014 година со рок за изградба од три години, после многу одложувања автопатот Миладиновци-Штип конечно и неофицијално, и официјално беше пуштен во употреба. Но сепак сега дознаваме дека тој допрва ќе се доградува – за 5,7 милиони евра, кои место кај Кинезите ќе отидат кај Гранит од Скопје, врз основа на доделениот тендер за докомплетирање на градежните работи за изградба на автопат А4, делница Миладиновци-Свети Николе-Штип. Во меѓувреме, ние ќе возиме некое време без патарина на новата траса долга 47 километри, која официјално (требаше да) чини 177,3 милиони евра. Автопатот широк 21,4 метри има по две ленти од 3,75 метри во секоја насока, плус лентите за застанување од 2,5 метри, со асфалт дебел 19 сантиметри. Проектиран е за брзина од 130 километри на час, а има седум клучки. Патарините на кои ќе се наплатуваат по 50, односно 70 денари, ќе бидат лоцирани кај Свети Николе и Кадрифаково. Покрај него ќе бидат засадени 600 илјади дрвја.
Видео