Nissan на салонот во Шангај имаше две интересни премиери
Фрлајќи длабоко поглед во електрификацијата, Nissan си постави за цел да ги надмине очекувањата на купувачите. Затоа и својот стратешки план за иднината што го презентираше пред година ипол го нарече Nissan Ambition 2030. Сега, како само еден чекор од неговата реализација, на салонот на автомобилите во Шангај претстави концепт наречен Arizon кој го покажува движењето на јапонскиот производител кон електричната и дигитална иднина.
Изгледот креиран од кинески тим дизајнери благо кажано му е чуден. Не личи дека е аеродинамичен, ниту елегантен но затоа може да се каже дека е сосема нов и модерен. Замислен е како мултифункционално возило поставено на CMF EV платформата која има ниско тежиште. Како што обично се среќава кај ваквите концепти нема централен столб, а вратите се отвораат една наспроти друга обезбедувајќи широк пристап кон внатрешноста. Таа е премногу футуристичка за да може нешто да се извлече од неа за поблиската иднина. Можеби дел од опремата како што е иновативниот интерактивен систем на амбиентално осветлување кој ги препознава патниците и автоматски се прилагодува на нивниот број и околните услови. Или пак личниот асистент кој Nissan-овите стручњаци го подготвија. Наречен Oporo, тој може да комуницира со возачот и патниците и да дава прецизни одговори на пример за патувањето, временската прогноза и слично на тоа.

Кина дефинитивно е еден од технолошки најсофистицираните пазари во светот чии потреби брзо се менуваат, заради што производителите на возила мора да мислат неколку чекори нанапред. Но заради добрите пари што им ги носи не се заборава и сегашноста и она што купувачите го сакаат. Затоа покрај футуристичкиот Arizon во Шангај премиера имаше и далеку поприземјениот Pathfinder концепт. За него велат дека е развиен за тамошниот пазар но не би се изненадиле ако набргу слушнеме дека ќе го видиме и во некој друг светски регион. Во однос на сегашниот модел ја има нешто помалата и помодерна платформа од Qashqai и Renault Austral, која исто така му овозможува сместување три реда седишта во конфигурација 2+2+3.

Новата естетика која е по вкус на кинеските и американските купувачи донесува сосема нов изглед со кој треба да се вклопи во животниот стил на активните луѓе. За остварување на нивните авантуристички желби за посетата на оддалечените места во природа ќе се грижи класичен мотор, за кинескиот пазар веројатно дволитарски турбо со автоматски менувач и погон на сите четири тркала. Внатрешноста и опременоста се на ниво на моделите кои се нудат на пазарот, на кои новиот Pathfinder наскоро ќе им се придружи.


