Volvo Cars Macedonia приреди вистинско задоволство за поклониците на шведската марка.
Да се претстави еден новитет е посебен настан, но домаќините се потрудија да обезбедат две премиери. И тоа не било кои.
Под слоганот 90/90 ѕвездите на премиерата беа освежениот ХС 90 и неговиот електричен пандан ЕХ 90.
Во понудата на Volvo повеќе ги нема дизел моторите, па сега „вечниот“ ХС 90 ќе се нуди само со турбо-бензински мотори кои носат ознака В5. Нив ги има два, од 250 и 300 КС, дополнително засилени со 48 волтен хибрид.
Адмиралската изведба ја задвижува темелно подобрениот Т8 мотор од 310 КС на кого му се приклучува електро-мотор со 145 КС. Погонот со приклучен хибрид овозможува на струја да се извозат 70 километри.
Што се однесува на дизајнот, на надворешноста се воочливи ревидираните светла наречени „чеканот на Тор“ кои се наоѓаат и кај електричниот EX90, а новата решетка со дијагонална шема ги потенцира фаровите уште повеќе.
Ентериерот е суптилно подобрен, со додавање на нови материјали и вертикален екран на допир кој сега има димензии 11,2 инчи чиј оперативен систем е преработен за да ги направи апликациите подостапни со помалку пребарувања низ менито.
Иако плановите за потполно преминување на електричен погон Швеѓаните ги ревидираа, сепак храбро газат кон иднината. Тоа најдобро го покажуваат со големиот електричен кросовер ЕХ 90. Впечатливиот дизајн и маркантната појава ги најавуваат определбите на новата генерација возила на Volvo.
Компанијата сака повторно да стане лидер во безбедноста и заштитата не само на патниците, туку на сите учесници во сообраќајот, па слободно може да се каже дека ЕХ90 стана компјутер на тркала исполнет со системи што прават невидлив штит околу возилото.
За тоа се задолжени сензори, вклучувајќи осум камери, пет радари, ултрасонични сензори и, за прв пат во Volvo, Lidar систем. Тие се поврзани со основните компјутери на автомобилот со цел да се подобри доверливоста и севкупните перформанси.
Има уште една шума податоци за вградените системи базирани на моќни чипови кои извршуваат и до 254 трилиони операции во секунда, но за тоа повеќе кога ќе се соочиме со него.
ЕХ90 е достапен во две варијанти со погон на сите тркала со моќност од 300 kW и 770 Nm и 380 kW и 910 Nm вртежен момент. Максималната брзина е ограничена на 180 км/ч, а посилниот мотор го апсолвира спринтот до стотка за 4,9 секунди.
И двата мотори ги напојува батерија од 111 киловат-часа доволна да обезбеди автономија над 600 километри.

