Во Германија девет, а во Франција дванаесет илјади евра субвенции за електричните автомобили

Во Германија девет, а во Франција дванаесет илјади евра субвенции за електричните автомобили

Европските влади подготвија издашни пакети помош за автомобилската индустрија

Објавено на 7 јуни 2020 година

Европа не ги чекаше мајските податоци за продажбата на автомобили за да реагира – доволен беше 80-процентниот пад во април. Најслаба продажба имаше на големите пазари. Во Италија, Шпанија и Велика Британија купувачи практично немаше. За разлика од ланските 455 илјади, во овие три земји заедно се продадоа помалку од 13 илјади возила. Франција забележа десет пати помала продажба од лани, а Германија успеа да задржи 40 отсто од пазарот.

Токму властите на овие две земји први донесоа стимулативни мерки за купување на нов автомобил. Во Германија субвенциите се однесуваат само на електричните возила и ќе се движат до девет илјади евра, од кои шест ќе дава државата а три производителите. Но ова ќе важи само за возилата со цена до 40 илјади евра, што значи дека се исклучени домашните премиум марки. За да може да се следи порастот на бројот на електрични возила, во иднина секоја бензинска станица ќе мора да има инсталирано полначи за батериите. Понатаму, данокот на додадена вредност за сите возила е намален од 19 на 16 отсто за период од шест месеци, но истовремено се зголемени давачките за возилата кои емитуваат повеќе од 95 грама јагленород диоксид. Овој пакет е предвиден вкупно да тежи 2,2 милијарди евра, а уште 2 милијарди ќе добијат производителите. Ваквите мерки наидоа на негодување на германската асоцијација на продавачи на возила која тврди дека тие уште повеќе ќе ја влошат ситуацијата. Со право, бидејќи на нивните плацеви има насобрано непродадени нови возила во вредност од 15 милијарди евра за кои субвенциите не важат.

Можеби затоа владата на Франција се определи за посеопфатен пристап. Таму секој што својот стар дизел ќе го однесе на отпад ќе добие пет илјади евра а ако купи електричен автомобил со цена до 45 илјади евра, уште седум илјади. Плаг-ин хибридите со електрична автономија од најмалку 50 километри ги следуваат по две илјади евра, а предвидено е да се стимулираат и купувачите на користени возила. Тие ќе добијат по пет илјади евра ако купат електричен или плаг-ин хибрид, односно три илјади за возило со мотор со внатрешно согорување доколку тоа ги исполнува најновите стандарди за емисиите. Заедно со помошта што ќе ја добијат производителите на автомобили, вкупниот пакет мерки на француската влада изнесува 8 милијарди евра.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER