Братот на Smart #1
Во понудата на Zeekr годинава доаѓа третиот сериски модел
Zeekr X е целосно електричен компактен кросовер кој ќе им се придружи на 001 и 009 во понудата на автомобилскиот производител. Надворешноста е оформена од дизајнерското студио на брендот во Гетеборг, дава еволуција на стилскиот јазик на Zeekr воведувајќи модерно обликувани површини и високотехнолошки детали. На предницата кросоверот доби поделени предни светла со изглед без решетка, извајана, но прилично кратка хауба и тенки влезови на високиот браник.
Профилот се карактеризира со недостаток на рачки на вратите, дијагонална карактерна линија што се протега на задните прозорци и сјајно-црни акценти на лаковите на тркалата, ретровизорите и покривот. Задниот дел има издолжени LED задни светла одделени со осветлениот натпис Zeekr, многу црни облоги на задниот браник и тесно задно стакло поради наведнатиот заден дел од покривот со интегриран спојлер. Zeekr X е долг 4.450 мм, широк 1.836 мм и висок 1.572 мм, со меѓуоскино растојание од 2.750 мм. Ова го прави 180 мм подолг од Smart #1 кој има точно исто меѓуоскино растојание.
Двата модели се базирани на модуларната платформа на Geely SEA, која ќе биде споделена со претстојниот Volvo EX30. Подолгите верзии на истата архитектура се користат од поголемите Zeekr 001 и 009. Брендот во сопственост на Geely не ги откри техничките спецификации на новитетот но ветуваат дека забрзувањето од 0-100 км/ч ќе биде околу 4 секунди. Оваа бројка звучи слично на 3,9 секунди декларирани кај Smart #1 Brabus кој доаѓа со двојни електрични мотори кои произведуваат 315 kW.
Се очекува Zeekr да понуди и варијанта со еден мотор со 200 kW. Познато е дека Smart #1 има батерија од 66 kWh, но нејасно е дали Zeekr X ќе користи батериски пакет со поголем капацитет за подолг опсег. Лансирањето на пазарот на Zeekr X во Кина е закажано за вториот квартал на 2023 година додека во Европа би требало да започне во скандинавските земји. Zeekr сака да го удвои обемот на продажба на 140.000 возила оваа година, но не планира да влезе на американскиот пазар.



