Замислете, горивата повторно поевтинија!
Објавено на 25 јуни 2018 година
Додуша само бензинот ама и тоа е доволно регулаторната комисија за енергетика со право да каже дека цените на нафтените деривати во Македонија се намалуваат – рафинериските во просек за 1,09%, а малопродажните за 0,66%. Во конкретни пари изразено, тоа значи дека според Методологијата (да, се пишува со големо М) од ноќеска на полноќ за литар еуросупер БС-95 и еуросупер БС-98 ќе плаќаме по еден денар помалку, односно по 71 и 73 денари, додека малопродажната цена на Д-Е V еуродизелот останува иста – 63,50 денари за литар. Оваа одлука регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија ја донесе врз основа на движењето на цената на суровата нафта на светскиот пазар која во изминатиот 14-то дневен период беше за 1,49% пониска од просечната цена на суровата нафта по која беа формирани досегашните цени на нафтените деривати, како и на курсот на денарот во однос на доларот кој порасна за 0,368% и референтните цени на нафтените деривати на светските берзи кои забележаа намалување кај бензинот за 2,81% и кај дизелот за 1,97%. Соодветно на тоа, во структурата на цените на нафтените деривати е извршено прилагодување според кое тие се намалуваат за наведените проценти.