Кинескиот XPeng сé посериозно гази – првиот од трите најавени нови модели годинава веќе е претставен.

Станува збор за раскошен теренец со ознака GX кој може да се добие како чисто електричен или со продолжена автономија.

Заснован на платформа со 800-волтна архитектура има каросерија долга 5,27 метри доволна во неа да се сместат три реда со по две седишта. Наликувајќи на Range Rover но без директно копирање на линиите, неговите стилски детали вклучуваат вертикални светла сместени во браникот и широки светлечки ленти напред и назад.

Управувањето е на сите четири тркала а ослонувањето воздушно и адаптивно. Опремен е со автономни технологии од ниво 4 а како статусен симбол амблемот му е позлатен со 24-каратно злато.

Двата електромотора кај електричната верзија заедно развиваат 577 коњски сили а батериите се доволни за 750 километри. Планиран е и модел со еден електромотор на задната оска со 362 коњи и нешто помали батерии.

Изведбата со продолжена автономија има 1,5 литарски бензински мотор од 150 коњски сили кој работи како генератор за струја и чисто електрична автономија од одлични 420 километри. Цените не се објавени ниту тоа дали треба да се очекува и во Европа каде марката е присутна со неколку модели и има организирано производство во фабриката на Magna Steyr во Австрија.

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER