Xiaomi SU7 – Амбициозен и предизвикувачки

Првиот обид на кинескиот гигант за потрошувачка електроника и паметни телефони во производство на ЕВ доаѓа со импресивна опременост и моќност

Дека Кинезите се способни да ги предизвикаат и надминат традиционалните марки веќе не е нова прикаска.

На светската мапа на производители на ЕВ се приклучува уште едно звучно име кое се надева дека ќе направи пресврт. Во годината само што започна на пазарот ќе се појави SU7, првиот електричен автомобил од компанијата попозната по своите паметни телефони.

Xiaomi има сериозно амбициозни планови во автомобилскиот сектор и, како што објави претставувајќи ги првите технички спецификации за своето првенче на тркала, ќе им конкурира на Tesla Model S и Porsche Taycan. Со должина од скоро пет метри каросеријата е поставена на меѓуоскино растојание од 3.000 мм, SU7 е подолг од двата клучни ривали и аеродинамичен со коефициент на отпор од само 0,195.

Архитектурата е компатибилна и со 400 и со 800 волти и има повеќекратни конфигурации на погон и сила. Изведбите, во зависност на моторите се дрско и збунувачки наречени V6, V6s и V8s. Основниот е означен како V6, има еден мотор кој испраќа 299 КС и 400 Nm вртежен момент на задните тркала, а за спринтот од мирување до стотка доволни се 5,28 секунди.

Почетниот модел е ограничен на архитектура од 400 волти, така што не се полни толку брзо како неговите поскапи браќа, но сепак нуди корисни 668 км автономија од батерија од 73,6 kWh. Врв на понудата е моделот V8 опремен со два мотори кои генерираат 673 КС кои го лансираат SU7 од нула до 100 км/ч за 2,78 секунди и достигнува максимални 265 км/ч.

За да овозможи слобода на движење од 800 км, во подот се поставени батерии со вкупен капацитет од 101 kWh. Технологијата за брзо полнење од 800 волти значи дека можете за 5 минути да „натанкате“ струја за 220 километри. Доколку сте приклучени на доволно брз полнач  за 10 минути ќе имате доволно енергија за досег од 390 км.

Со оглед на портфолиото на Xiaomi, SU7 е наполнет со технологија, како во однос на асистенти за возачот, така и во однос на инфозабавата, која се управува со централен екран на допир од 16,1 инчи. Автономниот пакет се состои од лидар, камери и радар, кои првично нудат возење на автопат и автоматско паркирање, но може да го прошират елементот за самоуправување на градските улици штом ќе бидат завршени тестовите во текот на годинава.

Едно нешто што Xiaomi не го откри прецизно е цената, иако признаваат дека SU7 нема да биде евтин. Цените би требало да ги дознаеме во следните неколку месеци, заедно со деталите за тоа во кои земји надвор од Кина ќе биде комерцијализиран SU7.

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER