Volkswagen Tiguan PHEV веќе не е на тронот во Европа, го престигнаа кинеските ривали, па сега компанијата бара заштита од ЕУ.
Извршниот директор на Volkswagen Group, Оливер Блуме, бара од ЕУ да воведе повисоки тарифи за кинеските приклучни хибриди и сака тоа да се направи што е можно поскоро.. Барањето доаѓа откако Volkswagen Tiguan PHEV од бестселер на европските продажни листи веќе не се наоѓа ниту на подиумот.
Германската автомобилска групација поминува низ тежок период, при што извршниот директор предлага огромни намалувања на работни места, што би можело да доведе до отпуштање на дури 100.000 вработени, покрај одобрените 50.000 откази. По првата половина од годинава, трите најпродавани PHEV возила во Европа беа кинески. BYD Seal U сега е лидер, по што следат BYD Atto 2 и Jaecoo 7. Во меѓувреме, Volkswagen Tiguan, кој беше на врвот на листата минатата година, сега е на четвртата позиција, според бројките на Dataforce.
По првите шест месеци од 2026 година, кинеските брендови освоија 28,3% од европскиот пазар на PHEV, потиснувајќи ги локалните брендови. Извршниот директор на Volkswagen Group тврди дека полето за игра е сè друго освен рамномерно во моментов. „Прописите за БЕВ функционираат. Таму сме конкурентни во однос на цените. Но воведените мерки не функционираат со PHEV“, рече Блуме. Генерално, јасно е дека кинеските брендови го добиваат натпреварот и ја дуплираа својата продажба во Европа во последните 12 месеци, достигнувајќи речиси 686.000 испораки и заземајќи 9,5% од целиот пазар на автомобили на Стариот континент .


