Најверојатно за три години ќе влезе во сериско производство како ID 2 со цена помала од 25.000 евра
Иако електричен, беџот GTI се враќа на сцената. Една од највпечатливите појавувања на IAA несомнено беше на штандот на VW. Kако и да небиде кога ID GTI Concept најавува дека Волфсбург ја прави електромобилноста поприфатлива. Концептот заснован на студијата ID 2all, собра големи симпатии, па сосема е јасно дека замислата ќе има позитивен епилог.
Кога ќе се реализира, овој модел ќе припаѓа во класата на сегашното VW Polo, но поради меѓуоскиното растојание од 2,6 метри ќе има далеку повеќе простор во внатрешноста. По првиот бран несекојдневно обликувани ЕВ, форма која стана задолжителна кај сите марки, се покажа дека купувачите уште се наклонети кон класично дизајнирана каросерија… И класичните вредности, рака на срце, модифицирани.
Дизајнерскиот тим предводен од главниот дизајнер, Андреас Миндт, беше инспириран од различни генерации на GTI возила на VW. Оваквиот пристап вроди со несекојдневна симпатичност зачинета со голема доза носталгија. Ниска силуета, исфрлени калници, тркала кои потсетуваат на оние од 80-тите години на минатиот век, сепак ќе бидат задвижувани со електро-погон каде буквата „I“ ќе означува „intelligence“.
Нема никакви податоци какви перформанси би имал идниот сериски GTI, но можеби може да се шпекулира врз основа на веќе најавените параметри за студијата ID 2all. Платформата ќе се користи во моделите на Škoda и Cupra. На неа се предвидени батерии од 38 и 56 kWh. Според VW, поголемата по капацитет може да овозможи автономија од 450 км. Ќе се полни со моќност од 125 kW што е доволно да повлече струја од 10 до 80% за 20 минути.
Што се однесува до силата на моторот, таа би требало да ја надмине границата од 170 kW и да спринта до стотка за помалку од 7 секунди. Неофицијално дознаваме дека производството би требало да започне кон крајот на 2025-та, а почетокот на продажбата е планиран за првиот квартал на 2026 година. Додека дојде на пазарот уживајте во фотографиите.