Електрична замена за Пасат
По електрични модели што наликуваат на моноволуменци, конечно од Волфсбург доаѓа модерен седан
Volkswagen го избра Саемот за потрошувачка електроника во Лас Вегас за да го промовира својот прв целосно електричен седан ID.7. Тој беше најавен пред шест месеци преку концептот ID.Aero од кого го наследува стилот и аеродинамичната силуета.
Во производствената верзија, за разлика од концептот, ќе има поедноставни LED фарови, поголеми ретровизори и детали кои се прилагодени на масовно производство. Пред премиерата понудени се првите фотографии на ID.7 специјално камуфлиран со геометриски шари инспирирана од QR-кодови во различни бои што даваат електролуминисцентни светлосни ефекти.
За да го постигне овој резултат, VW нанесе 40 слоеви боја со спроводливи или изолациони својства, овозможувајќи 22 области од каросеријата да бидат независно осветлени и да создадат специјално шоу кога се поврзуваат со звучниот систем. За разлика од надворешноста, интериерот е целосно откриен.
Големиот 15-инчен екран на допир во стил на таблет со слободна поставеност за инфозабавниот систем е комбиниран со мала дигитална инструмент табла. Прекинувачите осетливи на допир за контрола на функциите за климатизација и јачината на звукот сега се осветлени. Врв на ентериерот се дигитално контролираните „Паметни отвори за воздух“. Според VW, системот го препознава возачот преку клучот и ја лади или загрева внатрешноста пред тој да влезе во возилото.
Системот за климатизација може автоматски да го дистрибуира воздухот на големи површини или да го насочи протокот кон телото на патниците. Тие функции може да се активираат за секој патник посебно преку централниот екран на допир или со користење гласовни команди. VW ID.7 е поставен на надградената MEB+ архитектура која овозможува подолг опсег и побрзо полнење на батериите.
Иако сè уште деталните спецификации не се објавени, предвидливо е да бидат понудени конфигурации со еден и два електро мотори, со голем пакет батерии монтирани во подот. Од Волфсбург се опишува моделот како „ефикасен електричен седан со способност за долг дострел“, најавувајќи проценет опсег до 700 километри врз основа на симулиран WLTP циклус.
VW не крие дека директни ривали на ID.7 ќе бидат Model 3 и Ioniq 6 и напоменува дека меѓуоскино растојание од 2.969 милиметри е за 94 мм подолго во споредба со она на Tesla и 20 мм подолго од Hyundai. Бидејќи ID.7 ќе се смета како електрична верзија на Passat, производителот нагласува дека меѓуоскиното растојание е за 165 мм подолго отколку кај братот со класичен мотор и ќе има попространа кабина.
VW ID.7 ќе биде достапен на три континенти Европа, Азија (Кина) и Северна Америка. Неговото официјално лансирање е закажано за вториот квартал на годинава. За европските пазари, производството ќе се одвива во фабриката Емден во Германија заедно со ID.4. Електричниот седан ќе биде шестиот модел во гамата ID и еден од 10-те нови ЕВ што Volkswagen ќе ги лансира до 2026 година.


