Cupra ќе учи мандарински!
Tavascan ќе се произведува во Кина!
Брендот Cupra на VW ќе го произведува својот Tavascan во фабрика во Кина од крајот на идната година. Со ова групацијата VW се придружува на останатите глобални марки кои имаат фабрики во Кина и од таму ги извезуваат своите електрични модели во Европа. Оваквата одлука сите ја оправдуваат со ограничениот производствен капацитет на стариот континент. Своето првото целосно електрично спортско-корисно возило шпанците ќе го произведат во една од фабриките на групацијата во Анхуи, соопшти VW. Компактниот Tavascan ја дели платформата MEB заедно со електричната серија ID, и треба да започне да се продава во Европа во 2024 година.
Тоа е вториот модел на Cupra базиран на платформата MEB по хечбекот Born. VW работи на својот петгодишен финансиски план за да одлучи кои нови модели во кои фабрики ќе се произведуваат и колку пари ќе инвестираат на тие локации до средината на деценијата. Овие одлуки зависат од лансирањето на софтверски платформи за претстојните електрични модели кои компанијата постојано мораше да ги одложува. Електричните модели кои веќе се испорачуваат од кинеските фабрики во европските салони ги вклучуваат Tesla Model 3, BMW iX3 и Dacia Spring.


