Изненадувачки вести доаѓаат од Германија. Во тек се преговори меѓу Chery и Volkswagen за преземање на две фабрики во колевката на европската автомобилска индустрија.
Се работи за погоните во Дрезден и Оснабрик кои треба да бидат затворени заради кратење на трошоците за кои уште при објавувањето на плановите за тоа се претпоставуваше дека ќе бидат на мета на некоја кинеска марка. Некаде во тоа време и од Chery се слушна дека ја мерка Германија како своја производствена база но никој не се осмели да ги поврзе тие две нешта.
Сега работите стануваат појасни и се верува дека доколку Volkswagen не побара премногу пари четвртиот по големина кинески производител кој лани низ светот продаде 2,6 милиони возила ќе се всели во нивните погони. Не демантирајќи ништо, Кинезите засега се воздржани – велат само дека пред да биде донесена било каква одлука ќе бидат разгледани сите аспекти, од регулаторните барања до трошоците за работната сила.