Со воведувањето на семејството ID, Volkswagen сака да ги убеди своите милиони клиенти да се префрлат на електричнi возилa. Оваа задача е предизвик, особено кај првата електрична лимузина ID.7, бидејќи Passat е репер во индустријата со децении
Volkswagen има долга и успешна историја на правење сигурни и практични седани кои им служат на семејствата и бизнисите ширум светот. Во почетокот на оваа година од Волфсбург се лансира првиот целосно електричен еквивалент кој има за цел да го пренесе наследството на легендарниот Volkswagen Passat во новата ера. Моделот што го возевме е Volkswagen ID.7 Pro кој на задните тркала испорачува 286 КС и 545 Nm кои црпат сила од пакетот батерии од 77 kWh.
Првата перцепција за ID.7 е дека е електрична замена за Passat што може да има добар маркетиншки ефект. Сепак, со првото гледање на спецификациите се заклучува дека ова е автомобил многу поблизок по големина до веќе пензионираниот Phaeton. Долг речиси пет метри, широк сосе ретровизорите 2,1 метар поставен на меѓуоскиното растојание од 2,97 метри, ID.7 е навистина многу голем автомобил.
И покрај сета своја големина, тој е воздржан во својот стил. Поместувањето на линијата на покривот, кое многу го имитира она на кросоверот Volkswagen ID.5, е карактеристично, како и перфорираниот изглед на лентата за стоп светло, но останатото е едноставно. Што се однесува на надворешниот изглед, ID.7 ми остава впечаток на „тивко згодна“ појава која освојува на втор поглед.
Внатрешноста на Volkswagen ID.7
Кабината на ID.7 зрачи со севкупниот квалитет, кој се чувствува многу поблизок до традиционалните нивоа на VW отколку, да речеме, раните ID.3 и ID.4. Користените материјали се со многу подобар квалитет и сè изгледа и се чувствува посуштинско.
Потоа, тука е новиот 15-инчен екранот на допир кој означува огромен скок напред во онос на претходните екрани во линијата ID. Овој нов екран се чини разумен и едноставен за користење. Целокупната графика и стил се познати, но изгледаат поостри во висока дефиниција. Најголема помош од сите се лентите на горниот и долниот дел од екранот и остануваат на своето место без разлика кое мени се прикажува на централниот дел.
Сега употребата стана многу полесна. Толку лесна колку што би било со соодветните физички контроли? Не, се разбира дека не, но тоа е последната мода во светот на електричните возила. Долгото меѓуоскино растојание на ID.7 овозможува огромен простор дури и за највисоките луѓе. Просторот напред е исклучително добар, како и нивото на удобност на седишта со греење и ладење.
Со поместување на бирачот за погон на десната рачка, со која традиционално се манипулираат бришачите, се отвори значителен простор за складирање во централната конзола на поделени нивоа. Кутијата за складирање под потпирачот за раце на предното седиште е доволно длабока за да можете да ја внесете речиси целата рака, а има и два држачи за чаши, безжична подлога за полнење телефон и два USB-C приклучоци со голема брзина од 45 вати (со уште два во назад).
Во задниот дел, просторот на седишта е кралски со изразена удобност и комоција. Багажникот, со капацитет од 532 литри е корисен, има и подно складиште за кабли за полнење. Задните седишта се делат и се преклопуваат во формација 60:40, а тоа е лесно да се направи со повлекување на рачка во багажникот. Со тоа се добиваат до 1.586 литри простор
Каков е за возење Volkswagen ID.7
Моето возачко искуство го имав во Италија во различни сценарија на возење, од градск сообраќајници,, локални патчиња, магистрали и автопат. Ако има соодветен збор со кого можам да го опишам однесувањето на ID.7 тогаш тоа е „опуштено“.
Интеракцијата е неверојатно добра, а квалитетот на возење ги омекнува нус појавите при возење на груб асфалт и нерамнини без да се чувствувате целосно изолирани од она што се случува одоздола. Исклучително добриот комфор на возачкото седишта помага на тој впечаток, додека видливоста нанапред е помогната со ниско поставената лента за проектирање на основните информации за возењето. Многу повеќе информации се пресликуваат на ветробранското стакло преку големиот хедап дисплеј, па многу ретко имате потреба да го тргате погледот од патот.
Само повремено измамува поглед големиот екран на допир во форма на телевизор, но атмосферата е навостина опуштена. Во секојдневното користење преовладува префинетоста. Единствена замерка ми е што на погруб асфалт доаѓа изразена бучава, Во свиоци ID.7 е добро воспитан автомобил, а предната потпора Мекферсон и задната мултилинк суспензија солидно се справуваат со сите услови, но воланот е малку полесен за мојот вкус. Исто така, потпирањето е забележително омекнато во однос на традиционалното остро и тврдо одговарање на дразбите.
За среќа каросеријата го избегнува лебдечкото чувство што го добивате од повеќето БЕВ. Сепак, ќе му простите на ID.7 овој аспект на неговиот карактер, кога ќе ги сумирате сите предности што ви ги пружа. Со батеријата од 77 kWh (истата единица како што се наоѓа во ID.4, ID.5 и ID. Buzz) едноставно невозможно е да ги достигнете декларираните 617 километри според нормата WLTP. Една од целите на нашиот тест беше да го возиме ID.7 додека не му снема струја.
Тоа ни успеа по 475 километри во комбинирани услови. Тоа e според циклусот на тестирање на ECOBEST кој е верифициран од страна на реномираниот Bureau Veritas. Едноставно возилото се вози како што би го возел нормален учесник во сообраќајот, со вклучени сите системи и клима уред, а строго се почитуваат ограничувањата на брзината на движење. Затоа најголема брзина со која се движевме беше 120 км/ч. Дури и вака возен ID.7 покажа просечна потрошувачка по киловат потрошена струја од 6,18 километри што е подобро отколку што сум доживеал во некои многу помали и помалку луксузни ЕВ. И уште еден мал, но значаен податок. Откако автомобилот ќе сигнализира дека батеријата е испразнета имате резерва да поминете уште осум километри. Имам впечаток доколку би возеле исклучително внимателно веројатно би можеле да поминете во градски циклус на возење повеќе од 500 км помеѓу полнења, Перформансите на ефикасниот нов електричен мотор „APP550“ со 286 КС, со вртежен момент од 545 Nm, се многу афирмативни. Забрзувањето до 100 км/ч е за 6,5 секунди.
Моторот не го прави ниту заморниот ефект на „инстант исфрлање на вртежниот момент“, туку го исполнува својот опсег на поодмерен начин што се одразува на линеарноста на перформансите. Како до Volkswagen ID.7?Најголема недостаток на овој автомобил е цената. Тој чини 69.500 евра кај нас. Тоа не се мали пари. Преку Шпаркасе Лизинг поедноставно се доаѓа до новата електрична лаѓа од Волфсбург. Со учество од 16.800 евра и 72 рати во месечен износ од 980 евра ID.7 станува разумна опција, се разбира, за оние кои веруваат во светлата иднина на електричните возила кај нас. Заклучок Најжешката точка за дебата околу ID.7 не е неговата автономија, ниту неговата пространа кабина, ниту опременоста а уште помалку квалитетот, туку неговата висока цена. Во моментот на светскиот пазар ID.7 е поскап од неговите најголеми ривали според продажбата, а тоа се Tesla Model 3 или BYD Seal. Секако, германецот е многу поголем и исто така попрактичен од наведените модели. Иако покажува помал ентузијазам во свиоци, во остатокот од исползувањето е исклучително префинет и добро изработен автомобил, со извонреден простор во кабината и практичност.
И неговата автономија, ефикасност и брзина на полнење се импресивни. На крај на краиштата, моите очекувања ги надмина. Капата долу!