MINI повеќе не е мал! Неговите димензии нараснаа и сега може да се дискутира за автомобил кој, покрај перформансите, има и доволно простор во внатрешноста…
Времето поминато зад управувачот на MINI Cooper C можам со мирна совест да кажам дека е квалитетно. Иако имав почетни предрасуди за три цилиндерскиот 1,5 литрен турбаш, тие исчезнаа веќе во првите километри.
Ниту малку не го штедев возениот модел. Поминав доволно километри во градски циклус на возење и веднаш ми влезе под кожа. Ласно се вози, лесно се движи, лесно се паркира, лесно се забележува, а возачот лесно ги препознава завидливите погледи.
Кога сте вон градскиот метеж доживувате едно поинакво искуство. Многу подобро! Ќе се запрашате зошто? Затоа што „малишанот“ се однесува страствено, посветено, одлично се држи, лесно се управува и згора на тоа, е тивок и економичен. Вистинското задоволство доаѓа кога ќе го „напнете“ низ свиоци.
Тогаш му се препознава вистинскиот карактер. Во мојата маршрута имав среќа да не биде оптеретена со сообраќај, па си дадов за право и да дивеам, затоа што дотераноста на подвозјето, инженерингот и мапираноста на моторот и менувачот го дозаволуваа тоа.
Се вози лесно, како картинг, слепо ги следи командите на возачот и зачудувачки е стабилен. И покрај овие атрибути, ве носи на едно поинакво ниво. Престојот во внатрешноста, иако во неа преовладуваат „вегански“ материјали, без никаква доза на недоверба ја чувствувате неговата премиум вокација.
Удобен, комотен, агилен. Овалниот дисплеј е уникатно остварување, а со него и неговите поставки можете да си играте бесконечно. Во зависност на многуте можни тематски поставки ентериерот се прилагодува со адекватно амбиетално осветлување, забележливо навечер.
MINI Cooper C не е евтин. Тој и не смее да биде евтин. Не затоа што е по волација премиум супер-мини автомобил, туку затоа што заслужува да биде скап. Она што го нуди е моќна симбиоза на задоволство, возни својства, удобност и употребливост.
Ви одвоивме колекција на фотографии а сите емоции што ни ги побуди MINI Cooper C проследете ги на видео записот што го направивме.