Добар изглед, богата опременост, автономија од 420 километри и две верзии, со единечен и двоен мотор, KGM влегува на голема врата во сегментот на електрични пикапи
Што е Musso?
Името Musso, на корејски носорог, егзистира повеќе од три децении во портфолиото на марката. Пазарната кариера ја започна како голем теренец со комплетна механика превземена од Mercedes-Benz и добро ја замати водата на пазарот. Корејскиот специјалист за теренци и кросовери KGM (порано SangYong) му додели нова улога и веќе една деценија Musso е пикап. Во Германија се соочивме со неговата најнова генерација која е електрична. За воља на вистината, од другата страна на Атлантикот, се нудат верзии и со мотори на согорување, но на Стариот континент ќе доаѓа само електричната.
На прв поглед
Најолем недостаток на претходните генерации возила на KGM беше изгледот кого повеќето го доживуваа како неизбалансиран, анахрон па дури и грд. Сега може да зборуваме за сосема поинаков пристап со кого марката сериозно се приближува на пазарните трендови. Во разговор со присутните колеги преовладуваше мислењето дека сега дизајнот потпаѓа под влијание на кинеските трендови, но на крајот на краиштата, во тоа нема ништо погрешно.
Сосема во ред е марка која не е премиум да флертува со она што е прифатено од поголемиот дел на потенцијалните купувачи. Како и кај сестринските Aktion и Torres, на предниот дел од овој пикап нема апсолутно никакви значки или брендирање, и да не беше натписот „KGM“ на задната врата, веројатно би претпоставиле дека потекнува од еден од многуте кинески производители што моментално се пробиваат на европскиот пазар. Но, Musso е возило што изгледа добро, со правилни пропорции и многу детаљи како што се декоративни рачки на хаубата и скали на задниот дел.
Слична е приказната и внатре, каде што Musso EV се чувствува соодветно премиум за автомобил од ваков вид. Тука доминираат два дисплеи од 12,5 инчи кои се употребени и во новиот Torres. Можеби има груби пластични површини што добро се вклопуваат во неговата функција, но има Nappa кожа на електрично управуваните греени и вентилирани седишта, како и бакарни украси под двојните екрани за инфозабава.
Списокот на опрема се протега многу подалеку од она што вообичаено би очекувале да биде вклучено во пикап како овој. Покрај раскошно опремените предни седишта, има греење на задните седишта и загреван волан, како и двозонска клима и технологија Vehicle to Load (V2L) што може да полни лаптопи или електрични алати. Надвор, добивате 17 инчни алуминиумски тркала, странични скали, целосно LED фарови, плус мноштво функции за помош на возачот.
Зад управувачот
Новиот KGM Musso EV се нуди во две изведби кои се разликуваат по силата и погонот, а за нив е обезбедена иста батерија со капацитет од 80.6kWh и ima mаксимална брзина на полнење од 120 kW. Верзијата со еден електро-мотор и погон на предните тркала располага со 207 КС, 336 Nm вртежен момент и автономија до 420 км. Оваа изведба би била и најприкладна за секојдневно користење па затоа и изборот падна на неа. Првите впечатоци се навистина добри. Робусен, тивок и агилен. Во инает на должината поголема од пет метри сосема добро е управлив во урбани средини.
На автопат до израз доаѓаат функциите за помош на возачот кои би требало да бидат подобро искалибрирани, особено функцијата за автоматско одржување на смерот на движењето. Таа дозволува каросеријата често да се движи во маргините на лентите што помалку е вознемирувачки. За среќа функцијата за помош за одржување на лента може брзо да се исклучи преку копче на воланот, додека гласните предупредувања за ограничување на брзината можат да се деактивираат само преку централниот екран.
Ако го направите тоа, Musso EV се трансформира во тивок, удобен и релативно енергичен пикап. Верзијата со два мотори има двојно повеќе сила и погон на сите тркала. Во нашето возење не го искористивме големиот товарен капацитет. Поради избегнувањето на лиснатите пружини на задната оска тежината на товарење е ограничена на 690 килограми, што е своевиден недостаток во овој сегмент бидејќи секој бензински или дизел пикап може да носи еден тон или повеќе. KGM тврди дека Musso може да влече приколка од 1.800 кг. Го завршивме нашето возење со 48 проценти батерија и преостаната струја за уште 200 километри што сугерира дека декларираните 420 километри може лесно да се достигнат при секојдневна употреба.



