Возевме – Hyundai Santa Fe 1.6T Hybrid AWD Calligraphy

Со својот кутиест дизајн и маркантни светлосни групи новиот Santa Fe во голема мерка делува поларизирачки. Во новата генерација дизелите се исфрлени од понудата, па товарот за економичното возење му падна на 1,6 литрениот турбо-бензински мотор со хибриден погон

Што е Santa Fe?

Спортско корисно возило кое својата европска кариера ја започна во 2001-та година. За неполни 23 години присутни на Стариот континент се продаде во повеќе од 450.000 примероци. Важи за одлична алтернатива на поскапите европски модели и, воглавно, него го бираа прагматични купувачи. Од претходната генерација, поради големите димензии и трендовите на пазарот, започна да се нуди во изведба со три реда седишта.

Сега на сцена стапува петтата генерација која, иако понудена на Европејците, скроена е првенствено на Американците.

Како изгледа Santa Fe?

Секако несекојдневно. На прв поглед тоа е горостасна појава со кутиета форма која оддава дека нуди огромен простор во кабината и багажникот. Симплифицираната форма на каросеријата асоцира на Lаnd Rover Defender, но веднаш е јасно дека ова не е теренски ѕвер, туку возило наменето да пружи сосема поинакво искуство.

Првичната идеја на Santa Fe е да биде семејно возило кое ќе овозможи раскошен комодитет во внатрешноста, а надворешниот интригантен изглед да го одвои од помалку здодевните форми на конкурентите. Во тоа е во потполност успеано. Кога се соочив со Santa Fe ме врати во детството, кога се играв со „Лего“ коцки од кои можевте да направите сé, само заоблена форма не. Тука на помош доаѓаат светлосните групи.

Потполните LED светла даваат интересен печат на окомитите форми. Тие се стилизирани во форма на латиничната буква „Н“ па, посебно ноќе, на останатите учесници во сообраќајот ќе им биде јасно со кого си имаат работа. Страничната контура е гломазна и има едно практично остварување. Имено, сериски во секоја изведба доаѓаат покривни шини на кои се монтираат носачи за ставање на дополнителен покривен багажник.

Веднаш до столбот на задните врати поставени се скриени рачки за полесно искачување и полесен пристап на покривниот багажник. Тие носачи може да понесат 100 кг товар. Тоа е кул решение, но незнам колку ќе се користи. Можеби тоа некогаш ќе биде во игра доколку се одлучите да доплатите за изведбата со седум седишта и ќе решите да одите на патување.

Рецептот на предните светла е пресликан на задниот дел. Само тука ниската поставеност со истиот мотив како кај предните, делуваат поинаку. Големите пропорции повеќе соодејствуваат на извишено комбе отколку на спортско корисно возило.

Во внатрешноста на Santa Fe

Првиот контакт со интериерот наметнува два заклучока. Првиот е дека изобилува со простор, а вториот дека тој простор е исполнет со технологија и квалитетни материјали. Hyundai, барем во Santa Fe, се потруди да го пренесе духот на Genesis, својата премиум марка.

Во спротивност на модерните текови во опремување на внатрешноста е што седиштата, страничните панели и централниот наслон за раце се обложени со кожа и тоа онаа природна. Посветено е големо внимание на завршната обработка која е прецизна, а само таму кај што морало употребена е пластика со послаб квалитет. Зачудувачки што тоа е направено на воланот бидејќи преку него возачот го има директниот контакт со возилото.

Рака на срце, тоа не е разочарувачко чувство. Седиштата се беспрекорни. Електричното подесување во осум точки ви дозволува да ја најдете идеалната позиција за возење. Еден дел од возењето бев и на сопатничкото седиште кое, исто така е одлично, но му недостасува лумбално подесување. Внатрешноста пружа одличен азил во сите временски услови. Три зонскиот клима уред, вентилирањето и греењето на седиштата и греењето на воланот ќе ви овозможат да бидете господар на своите желби при возење.

Ако кожениот интериер е вон конвенционалните сваќања за опремување на интериерот, тогаш дигиталниот панел кој обединува два 12,3 инчни дисплеи е во потполност компатибилен со трендовите. Неговата графика е остра додека менито на инфозабавниот систем е интуитивно и лесно можете да ги најдете опциите што ги барате. Она што мене многу ми се допадна е што се задржани физички копчиња.

Тие се концентрирани околу третиот 6 инчен дисплеј во подножјето на централната конзола преку кого можете да манипулирате со клима уредот, квалитетниот Bose аудио систем и има кратенки за менијата за модусите за возење и некои функции на дигиталниот дисплеј. За пофалба е што конзолата сместена под овој дисплеј вдомува простор за бежично полнење на два мобилни уреди, а има уште четири USB портови од типот „С“, по два напред и два на задните седишта.

Споменав дека новиот Hyundai Santa Fe е конструиран за Американците. Тоа најдобро се покажува во држачите за пијалоци. Европски стандардизираните шишиња од половина литар како да се губат во нивните држачи и при возење тие не ја задржуваат својата вертикална положба, туку на свиоци паѓаат и излегуваат од лежиштата. Лек за ова е да си купувате пијалоци најмалку во литарско пакување. Волуменот на задната клупа можам да го споредам со бизнис класа. Во верзијата со пет седишта имате на претек  простор во сите смерови, па дури и да ги испружите нозете.

За тоа ќе ви помогне и прилаглодливиот наслон на седиштата и огронмиот наслон за рацете. Во багажникот има 727 литри капацитет што е повеќе од доволно да се избегнат кавгите и фрустрациите што да се понесе на подолги патувања, особено што некои членови на семејството сакаат да ги спакуваат плакарите од дома, за секој случај, нешто да не им притреба. Не џабе рекол народот „Кој носи не проси“.

Возење на Santa Fe?

Како што наведовме на почетокот, во петтата генерација на Santa Fe исфрлени се дизел моторите. Веќе го нема економичниот 2,2 CRDI турбо дизел, а неговата улога го превзема бензинскиот турбаш од 1,6 литри. За воља на вистината, тој е засилен со хибриден погон чија системска сила се искачи на 215 коњи.

Таа се добива од 160 КС добиени од четирите цилиндри и електромоторот кој е поставен во сендвич помеѓу моторот со внатрешно согорување и шест степениот менувач. Тој произведува 60 КС кои ги црпи од 1,49 кило-ватна јон-литиумска батерија. Во пракса овој склоп може значително да ја намали потрошувачката на гориво, што е впрочем целата игранка околу хибридните погони.

Движењето на 2,2 тона тешката каросерија не е компримитирано. Погонот не ја губи агилноста. Но, дали е поекономичен? Претходната генерација на Hyundai Santa Fe со 2,2 литрениот CRDI на автопат трошеше нешто повеќе од 7 литри гориво, а во градски циклус потрошувачката растеше на 9,2 литри. Покрај имплементирањето на ветувачката технологија економичноста е намалена.

Во просек Hyundai Santa Fe 1,6 хибрид троши 9,7 литри бензин. Новиот модел се истакнува со линеарни забрзувања, тивок е на автопат, секогаш имате доволно сила за претекнување и подинамични забрзувања. Во инает на тоа се изгуби харизматичниот звук на моторт кој сега е придушен. Системот е способен 2,2 тона тешката каросерија да ја забрза од мирување до 100 км/ч за 9,8 секунди и да достигне максимални 180 км/ч.

Дали е тоа доволно, проценете самите, но според драконските ограничувања на брзината на патиштата и висината на казните за брзо возење, ова се чини разумно. Кога го возите во однапред дефинираните модуси на возење „ЕСО“ и „Normal“ лопатките зад управувачот задолжени за менување на преносите имаат задача да ја дефинираат силата на рекуперацијата. Кога ќе се навикнете на тоа многу лесно ќе го доживеете искуството на возење со една педала. Доволно е само да а отпуштите педалата за забрзување, а сопирањето ќе се одвива со задедниоит интезитет, еден од трите можни.

Така ја надополнувате батеријата и ја зголемувате економичноста. Оваа опција е извонредно ефективна во урбани средини. За амбициозните возачи препорачлив е модусот „Sport“. Тогаш преку лопатките ги менувате преносите на шест степениот автоматски менувач и можете да си приуштите подинамични својства. На нив допринесува и електронски дефинираниот погон на сите тркала кој ја дистрибуира силата преку електронско вектрорирање и распределување на вртежниот момент и на задните тркала.

Подобрувањата на потпирањето се чувствуваат на асфалтот каде во свиоци правилно  се распределува тежината на Santa Fe и не претставува голем предизвик да се владее со возилото. Иако е припадник на класата спортско корисни возила, како и останатите конкуренти, има задоволителни манири надвор од асфалтот. Оваа не е возило со кого би се упатиле на сериозни теренски предизвици, но сосема е добро да совладате неасфалтиран пат и да се убедите дека сте „крал на ридот“.

Колку чини Santa Fe?

Со својата богата опременост и високата безбедносна технологија што е вградена во него Hyundai Santa Fe има и зголемена цена. Системите за асистенција на возачот можеби се малку здодевни бидејќи не ви дозволуваат да преминете 3 км/ч повеќе од дозволената брзина без упорно и безмилосно да ви сугерираат на тоа.

Од друга страна комодитетот и опременоста се за секоја пофалба. Во понудата се две нивоа на опременост. Возената Calliagraphy ги содржи сите нешта што би сакале да ги имате во едно вакво возило. Кожен ентериер, завидно ниво на дигитализација, многубројни додатоци кои го зголемуваат удобството и престојот во кабината, високо ниво на опременост и ергономија. Доколку сакате повеќе постои и ниво на опременост Ultimate за кое треба да доплатите.

Возениот Hyundai Santa Fe во ниво на опременост Calligraphy чини 75.000 евра.  Со нашиот пријател во купувањето на возила, Шпаркасе Лизинг, учеството од 20% изнесува 14.997 евра и во следните 72 месеци ќе треба да плаќате рата од 1.048 евра. За калиграфски впечаток, сосема разбирливо и прифатливо.

Заклучок

Петтата генерација на Hyundai Santa Fe ја покажува целата зрелост што оваа компанија ја достигна.

Не е случаен скорот од продадени 100 милиони возила за само 57 години во своето постоење. Исклучувањето на дизел моторите не помогна во достигнувањето на економичноста, но секако ги задоволи политички наметнатите норми од кои сите автомобилски производители страдаат. Сепак, Hyundai, во новиот Santa Fe успеа да ги имплементира највисоките безбедносни норми, го направи многу поудобен и по прифатлив за повеќето купувачи.

Интригантниот надворешен изглед можеби е предизвик со кого компанијата сака да покаже дека е зрела за нови предизвици и свој автентичен отисок во океанот наречен спортско корисни возила.

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER