Новата генерација, четврта по ред, ветува дека ќе продолжи таму каде претходната застана. Настапува со помодерен дизајн, суптилни механички промени и проверени мотори кои добија засилување од благ хибриден систем
Што е BMW X3?
Откако беше претставен во 2003 година, како спортско активно возило, BMW X3 порасна и по големина и по важност и сега е клучен дел од палетата на баварската марка. Тоа го покажува и продажбата која веќе ја надмина бројката од три милиони примероци. Најголем пласман се остварува во САД каде завршиле 41% од произведените примероци, а за Кина се прави и верзија со продолжена каросерија. Затоа фокусот кај новата генерација е ставен на технологијата, инфозабавниот систем и хибридизираните мотори. Ние ќе се посветиме на изведбата со дволитрен бензински мотор.
Што е ново во BMW X3 20 xDrive
Задржано е актуелното меѓуоскино растојание од 2.865 мм, но сега кабината е подолга за 34 и поширока за 29 милиметри. Предницата ја карактеризираат големите бубрези кои сега се осветлени кај најсилната изведба М50, додека останатите тоа ќе може да го добијат како опција. Ново меѓу кросоверите на марката е контроверзната шема на маската составена од вертикални и дијагонални линии. BMW вели дека кај новиот X3 каросеријата доби поцврста структура.
Има подобрено подвозје и однесување во свиоци добиено со различни геометриски измени што ја зголемуваат прецизноста и стабилноста на управувањето. Ажурираниот интериер треба да ја зголеми атрактивноста и престојот во кабината. Имплементиран е веќе познатиот заоблен дисплеј кој ги обединува инструмент таблата и инфозабавниот екран. Технологијата OS9 на BMW овозможува ажурирања преку воздух и им овозможува на сопствениците пристап до апликации за стриминг на музика и видео, вести, навигација со зголемена реалност и игри.
Во внатрешноста на BMW X3
Како и со многу други производи на BMW во последно време, кабината на X3 доби минималистички дизајн фокусиран на технологијата.
Доволно е да се каже дека „Закривениот дисплеј“ се одликува со истакнати карактеристики, комбинирајќи го екранот на допир и дигиталната група инструменти во едно куќиште, но нема ништо друго на контролната табла. Сè, од контрола на климата до избор на режим на возење е делегирано на екранот на допир, со само неколку копчиња на централната конзола и воланот.
Сепак, и покрај целиот овој минимализам, BMW ја оживува кабината со амбиентално осветлување по рецептот на сериите 5 и 7, со светлосни панели кои се прилагодуваат во зависност од режимот на возење и ситуацијата. Одете во Sport режимот, на пример, и темата станува црвена и сина во чест на класичните тркачки бои на BMW.
BMW сето тоа го завитка во поодржливи материјали од претходно, со целосно „веганска“ внатрешност. Кабината е пространа, со многу место за удобно седење на четири возрасни лица. Багажникот порасна на 570 литри што е за почит.
Вградена технологија во BMW X3
Благодарение на минималистичкиот нов дизајн на контролната табла, сета одговорност паѓа на рамениците на најновата генерација на инфозабавна технологија на BMW. Софтверот Operating System 9 е задолжен за беспрекорното функционирање на широкиот заоблен дисплеј кој вклучува дигитална табла со инструменти и екран на допир, а тој е одговорен за сè, од контрола на климата до режими на возење и сè останато.
Но, иако сум вообичаено против користење на екрани на допир поради тоа што го одвлекуваат вниманието при возење, системот на BMW има неколку олеснителни околности. Можеби најважниот од нив е ротациониот контролер iDrive во централната конзола кој ви овозможува да го манипулирате системот. Штом ќе се привикнете на негово користење повеќе ќе внимавате на патот.
Другиот корисен додаток е вклучувањето на постојани контроли за греење и вентилација на дното на екранот, така што прилагодувањето на температурата или загреаното седиште лесно се наоѓа. Системот е еден од најбрзите што сум ги сретнал, со остра графика и брзи одговори на командите, како и многу опции за конфигурација на екраните.
Сето тоа значи дека, и покрај малите недостатоци, системот на BMW сè уште е еден од најдобрите во автомобилската индустрија.
Колку е ефикасен BMW X3?
Палетата на мотори на X3 е намалена, а засега се достапни само четири погонски единици. Влезната верзија е дво литарскиот бензинец со турбополнач со 208 КС кој ја носи ознаката 20 xDrive.
Потоа, тука е 30e xDrive приклучен хибрид, како и врвниот M50 xDrive, а покрај актуелниот Х3 20d xDrive, од следната година BMW ќе ја лансира изведбата 30d xDrive. Во моментов, возената верзија 20 xDrive е најевтина верзија. Како и да е, 20 xDrive е силна опција сама по себе, благодарение на моќноста, која се дистрибуира на сите четири тркала преку осум-брзински автоматски менувач и разумната економичност. Навистина не го забележувате благиот хибриден систем во акција, иако повремено пренесува помалку недефинирано чувство на педалата на сопирачката додека се обидува да ја врати енергијата.
Официјалните бројки сугерираат дека ќе согорува околу седум литри безоловен на секои 100 километри, што не е лошо за автомобил на бензин од оваа големина со 208 КС под хаубата. Сепак во моето возење борд компјутерот пријавуваше 9,4 литри бензин.
Возење на BMW X3 20 xDrive
Начинот на кој се однесува X3 е еден од главните атрибути на овој модел. Управувањето, поради електричното серво, помалку ја гуши интеракцијата со возачот, но има линеарен и предвидлив одговор и нуди повеќе повратни информации од повеќето автомобили во оваа класа.
Управувањето е комбинирано со добро калибрираното подвозје кое будно го контролира движењето на каросеријата, иако се јавува мало навалување во свиоците, како што би очекувале од вака високо возило. Моќноста од 208 КС е повеќе од адекватна и покрај масивноста забрзува до стотка за 7,8 секунди. Неговото работење е рафинирано и тивко. Мора да се признае, звукот станува малку анемичен при повисоки вртежи на моторот, но тоа важи за повеќето мотори со четири цилиндри.
Каросеријата успева уредно да ги измазнува нерамнините без да го намали чувството зад воланот особено во свиоци каде со задоволство ги покажува своите манири. Потпирањето многу добро се справува и постигнува навистина привлечен баланс помеѓу удобноста и агилноста. Сите нерамнини што ќе ги сретнете се „пеглаат“ уредно и брзо, додека автомобилот никогаш не се чувствува немирен или изненаден од несовршеностите на површината на патот. Иако не го возев вон асфалт забележетилен е одреден степен на теренска способност, благодарение на погонот на сите тркала како стандарден кај сите модели и доволното растојание од подлогата, но тоа всушност не е фокусот на BMW.
За вистинска пофалба е функционирањето на автоматското возење. Тој благодет најдобро се чувствува на автопат каде системите будно ја следат ситуацијата и автоматски го присособуваат темпото на возење на условите во сообраќајот, вклучително и автономното итно сопирање за да го запре автомобилот ако возачот не реагира на опасност.
Колку чини BMW X3 20 xDrive кај нас?
Возениот модел е и најевтиниот во палетата. За пофалба е неговата опременост и рафинираност па и претставува добра алтернатива на 1.900 евра поевтиниот дволитрен дизел. Зборуваме за почетна цена од 69.320 евра. Со учество од 20% или 13.874 евра 72 месеци ќе отплаќате рата од 976 евра преку Шпаркасе Лизинг.
Стандардната спецификација вклучува заоблен дисплеј сочинет од два 12,7 инчни екрани, двозонска климата и камера за рикверц, електрично подесувани спортски седишта и алуминиумски надворешни украсни лајсни, 18 инчи тркала и електронски манипулиран поклопец на багажникот. Оние кои сакаат понаконтена изведба M Sport ќе треба да доплатата 5.700 евра.
Заклучок
Четвртата генерација на X3 има многу работи кои одат во нејзин прилог, а она со што се истакнува е импресивното подвозје и одлична техника.
Дизајнот нема да биде за секого, сепак е правен најмногу да се допадне на Американците, но сепак има талент во изобилство. Не сомнено кај нас најпопуларни ќе бидат дизелските верзии, но дволитрената бензинска може да добие сѐ повеќе поклоници.
Бидејќи нуди голема моќност, пристојна економмичност и возни карактеристики достојни на сино-белиот пропелер. Сепак, ова е премиум модел со цврста тапија.