Флертот на BMW во компактната класа започна во 1994 година кога го лансираше моделот наречен едноставно 3 Compact. Една деценија подоцна тој прерасна во Серија 1, која беше одлична алтернатива на моделите од тој сегмент и ја нудеше возбудата на возење со погон на задните тркала.
Од тогаш помина многу вода под мостовите на Исар, и сино-белиот пропелер одлучи да го префрли погонот на предната оска. Во својата четврта генерација, Серија 1 не е компактна, туку горостасна по прашање на перформансите. Најдобар доказ за тоа е знаменосецот М135 xDrive кој има сериозни претензии да стане крал на жешките компакти. Еве зошто…
Што е BMW M135 xDrive
BMW не се откажува од својот имиџ и за оние со длабок џеб нуди алтернатива со која моделот препознатливо се трансформира. Додека BMW напорно работеше на ажурирање на изведбите од Серија 1, марката исто така ја обнови и верзијата што е способна да ви ја заледи крвта во жилите. Ова е замена за M135i xDrive, но повеќе не се нарекува така. Наместо тоа, BMW ја отфрли наставката „i“ (буква сега е резервирана за електричните автомобили на BMW) и едноставно го нарече новиот модел M135 xDrive.
Како изгледа новиот BMW M135 xDrive?
Новиот знаменосец ги добива истите измени како и другите модели од Серија 1, а визуелните и технолошките надградби се во фокусот. Основниот рецепт, сепак, е повеќе или помалку непроменет, но цели на високо. Ова беше добра шанса да видиме дали BMW е доволно стокмен за да ги победи своите ривали. Сосема очекувано, новиот M135 ги превзема повеќето стилски одредби од новата Серија 1, вклучувајќи го и новиот изглед. Дали тоа е подобрување зависи од вашиот вкус.
Што се однесува до мене, мислам дека изгледа подобро во живо отколку на фотографиите. Сега големите бубрези се растегнати хоризонтално па во прв план дојдоа и другите елементи како поагресивните браници, со црн лак модулирани надворешни елементи и 19 инчни алуминиумски тркала, зад кои се кријат надградени сопирачки. Контурата е повисока, а задниот дел е издвоен со покривниот спојлер и четири издувни цевки нагласувајќи ја спортската вокација.
Накратко, сите посебни елементи на дизајнот делуваат мачо и не се слични со останатите жешки хечбеци.
Поглед во внатрешноста на BMW M135 xDrive
Исто како „цивилните“ верзии на новата Серија 1, BMW M135 xDrive доаѓа со новиот минималистички дизајн на контролната табла, кој е речиси целосно лишен од копчиња и се фокусира исклучиво на масивниот инфозабавен систем обединет во заоблен дисплеј сочинет од два 12,7 инчни екрани.
Тој се протега низ голем дел од предната конзола и ја комбинира дигиталната инструмент табла и екранот на допир. Сакајќи да придонесе на екологијата BMW се одлучи да употребува рециклирани материјали кои имаат добро ниво на квалитет и не делуваат евтино. Квалитетот на изработката и начинот на кој тие материјали се вкомпонирани достојни се на марката и целиот интериер делува робусно. Единствено помалку иритираат контролите за вентилација, но тие се вклопуваат во големата слика. Кабината има многу детали инспирирани од мотоспортот.
Пред сѐ тоа се спортските седишта обвиткани во велур и масивен волан со црвен маркер на врвот. Лопатките за менување преноси се пресликани од BMW M3 Competition. За среќа, ниту еден од овие додатоци нема негативно влијание врз просторот достапен во кабината, а седиштата се изненадувачки удобни, па може да се заклучи дека BMW M135 xDrive покрај тоа што е спортски воедно е и практичен.
Вградената технологија на BMW M135 xDriveОпремата ја има истата група на екрани како стандардната Серија 1, комплетирана со најновата инфозабавна технологија на оперативниот систем 9 на BMW. Тоа значи дека графиката е јасна, уредно претставена, со релативно логични менија и некои опции за прилагодување, што ви овозможуваат да ги ставате информациите точно каде што сакате. BMW исто така ги опреми системите со многу паметни функции, од кои повеќето веројатно никогаш нема да ги користите, но екраните реагираат брзо. Режимите на возење може да се контролираат и преку екранот на допир, но многу полесно е да го користите копчето на централната конзола кога сакате побргу да пристапите до спортскиот режим.
Колку е брз BMW M135 xDrive?
Новиот BMW M135 xDrive има дво литарски турбо бензински мотор со четири цилиндри засилен со благ хибрид кој ги движи сите четири тркала преку седумстепен автоматски менувач. Оваа комбинацијата е доволна за од 0 до 100 км/ч да стигне за 4,9 секунди и да продолжи кон законски ограничената максимална брзина од 250 км/ч. Но, за повеќето купувачи, тоа се само бројки.
M135 xDrive е брз, со таков вид на забрзување што ќе ги запрепасти вашите патници и ќе направи да ги „шиете“ повеќето автомобили на патот. Доволно е брз да не се срамите ниту на германските автопатишта. Поентата е дека перформансите се повеќе од соодветни, но повеќето поклоници ќе го критикуваат звукот што го произведува овој сателит. BMW се оправдува со зададената легислатива за недостаток на карактеристичниот татнеж.
Автомобилот согорува околу осум литри безоловен на секои 100 километри што е сосема добар скор за мотор од 300 КС.
Возење на BMW M135
Како предводник на серијата 1 и единствениот жежок хечбек на BMW, M135 xDrive има повеќе од само моќен мотор и систем за погон на сите тркала. BMW има вградено и адаптивна суспензија и M135 се лежи 8 мм пониско од стандардната Серија 1.
Тој располага и со новата технологија на амортизери и поцврстото тело.Резултат е автомобил кој е фракционо поагилен и постабилен, со помалку навалување и поголема острина во свиоците. M135 xDrive е поангажиран и подинамичен, со одговорно управување и одлични сопирачки, како и поголемо чувство за рамнотежа и стабилност. Данокот на овие карактеристики е вкочанетоста на суспензијата.
Стандардната серија 1 јасно има за цел да постигне рамнотежа помеѓу управувањето и удобноста, но M135 дефинитивно е повеќе ориентиран кон управувањето. Резултатот е изразената тврдост на амортизацијата дури и во конвенционалните режими на возење. За волја на вистината, усогласеноста на нерамнини не е лоша, но нагласено ги чувствувате ефектите од ударот. Ова чувсто можеби не е особено удобно арно ама сите вибрации се присебни.
Едноставно, како и кај сите возила со изразена спортска конотација амортизацијата е прилично крута, дури и на мазниот асфалт на јужна Германија. BMW ја подобри технологијата за помош на возачот. Според производителот, технологијата сега е многу помалку наметлива, а тоа се потврди и во моето возење. Системот за напуштање лента, на пример, се чувствува поприродно отколку што беше.
Колку чини BMW M135 xDrive?
Е, тука земете длабок здив. Серија 1 ќе започне да се продава на 5-ти октомври, вклучително и кај нас. BMW M135 xDrive чини 72.280 евра, што е скоро 35.000 евра поскапо отколку верзијата 120 со 170 КС, но добивате многу повеќе за вашите пари. Покрај дополнителната моќност, различната суспензија и надградените сопирачки, BMW M135 xDrive доаѓа со поспортски дизајнерски карактеристики и кабина инспирирана од мотоспортот. 72.280 евра е голема сума на пари.
Преку Шпаркасе Лизинг купувањето на BMW M135 xDrive е порелаксирано. Со учество од 14.453 евра и 72 месечни рати од 976 евра оваа ракета на тркала делува многу поостварливо да се купи.
Заклучок
Ориентиран на поклониците на спортските перформанси BMW M135 xDrive сигурно ќе ги задоволи очекувањата на автомобилските гурмани.
Во него е содржан сиот инженеринг, квалитет и перформанси што се типични за спортската дивизија на Баварците. Да не заборавиме дека е одличен спринтер со забрзување до стотка за само 4,9 секунди. BMW е секако еден од најдобрите во бизнисот и со својот жежок компакт повторно понуди брз, бесен и забавен автомобил.