Возевме – BMW iX3 50 xDrive

Neue Klasse е нова пресвртница за BMW, сосема нова платформа за електрични автомобили, која ветува поголема ефикасност, побрзо полнење и голема автономија. Сакавме овие ветувања да ги провериме во реалното користење, па затоа со iX3 xDrive тргнавме да ги посетиме трите македонски природни езера.

BMW има репутација на извонредност во возењето и за производство на автомобили што луѓето ги посакуваат. Таквото кредо Баварците сакаат да го потврдат со новата, електрична генерација спортско активни возила. Првенец е iX3, опремен со новата генерација на батерија од 108 кВч, и пред да го превземеме нашето возило, токму оваа изведба беше прогласена за светски шампион на автономијата со официјално поминати 781 километар со едно полнење.

Токму овој податок ни даде идеја да направиме смел круг низ Македонија и да ги посетиме трите природни езера. Оваа рута не е наивна бидејќи нејзините повеќе од 680 километри изобилуваат со изразени нагорнини, највисоката точка на патот е на 1599 мнв, високи летни температури и бара добро планирање поради малиот број на брзи полначи, доколку биде потребно, разместени низ планираниот итинерер.

За да ја заокружиме првата етапа се упатуваме кон Националниот парк Галичица. На сите ни е познат овој пат. Удобно се сместив во возачкото седиште и со 98% наполнетост на батеријата, и предвидување на борд компјутерот дека ќе поминам 596 километри. Малку чудно, но тоа е само предвидување. Атмосферата во кабината е раскошна. Големите дисплеи исцртуваат јасна графика, централниот содржи поинтуитивни команди и кратенки, додека панорамскиот дисплеј кој се протега низ целата должина испод ветробранското стакло само му дава дополнителен зачин на чувството што го добиваат патниците, дека се наоѓаат не само во удобна, туку и во кабина која изобилува со информации.

Додека полека го напуштав Скопје ги активирав асистентите за возачот. Ја дефинирав брзината на движење додека растојанијата помеѓу останатите учесници во сообраќајот, ограничувањата на брзината на движење до автоматско застанување и тргање на патарините беше обврска на паметната електроника. Мое беше само да го држам воланот. На брзини типични за автопат нема голема возбуда. Се добива свиленкасто чувство во кабината.

Единствено што суптилно ја нарушуваше идилата беше звукот од пневматиците. Пред првото искачување кон Стража и поминати 69 километри состојбата на батријата изнесуваше 84%. Време е да ги превземам работите во мои раце. Ги исклучувам асистентите и го превземам  управувањето. Перманентното искачување и свиоците ме предизвикуваат. Без оглед дали е рамно или е успон реакцијата на забрзувањето е молневита. Како и нема да биде кога на располагање ми се 469 КС и 645 Nm.

Тоа овозможува забрзување до стотка за само 4,9 секунди, а меѓузабрзувањата се фантастични. Погонот на сите тркала функционира беспрекорно дистрибуирајќи ја големата моќност таму каде е најпотребно. По вокација кросовер висок 1.635 мм, iX3 xDrive не се однесува така. Поради поставеноста на батериите во подот на конструкцијата тежиштето е ниско па затоа манирите во свиоци се еквивалентни на спортска лимузина.

Танцот низ свиоците ми наликуваше на до перфекција угрино танго во кое партнерите се следат, заедно дејствуваат, се надополнуваат за да ја формираат магијата на танцот. Токму поради перформансите си приуштив на дозволените места да ги престигнам возилата пред мене. Тоа се случува секавично, а потпирањето слепо ги слуша командите. Можеби малку е потврдо од од она кое би го очекувале, но во секој случај адекватно. Истиот впечаток го имав и на спуштањето кон Кичево. Како по шини, само што, и доколку го ставев iX3 xDrive и на „луда железница“, стоички ќе се справеше со предизвиците.

Не помина многу време, го поминав Кичево и еве уште едно пентарење, кон превојот Пресека. Повторно танго, повторно емоции и повторно восхитување на струјните удари. Хормоните ги смирив на ново отворената делница на историскиот автопат Кичево-Охрид каде крстарев со дозволената брзина. За среќа ги избегнав гужвите во Охрид и уживав во тесниот пат покрај Охридското езеро што води кон Галичица. Поголемиот дел од оваа рута има изразити искачувања се до видиковецот на Галичица. Таму направив пауза со цел да се разладам. Па добро, толку уживав во возењето што во потполност заборавив да ја следам состојбата на батеријата.

Повторно изненадување. Имав на располагање уште 52% и 348 километри автономија. Со оглед дека на планинските превои бев доста енергичен и често ги користев забрзувањата, да не кажам силно форсирав, во изминатите 203 километри потрошив помалку од 40 кВч струја, факт што се должи и на силната рекуперација која се случува при употреба на сопирачките и возење на удолници. Со позитивни впечатоци и доста самоуверен во автономијата продолжив за Отешево.

На симнувањето од другата страна на Галичица се отвора Преспанското езеро, до кое стигнав по неполни 25 минути лежерно возење и потрошив само 4% од преостаната залиха на струја. Се упатувам кон Дојран со 48% од батеријата, а до таму имам уште три искачувања.

Пред мене се Ѓавато, Плетвар и Валандовско брдо… Ја поминувам Битола и низ Пелагонија се упатувам кон Плетвар. Како што стојат работите до Дојран имам уште 194 километри и таму би требало да имам уште 16% залиха на струја.

Во целата маршрута верен компањон ми беше фабричката навигација која не само што ги дава рутите, туку и при нивно користење ве информира колку струја ќе потрошите, каде може да ја надополните батеријата и колку струја ќе имате на целта. Овие параметри во голема мерка ви даваат можност за правилно планирање.

Некадфе околу Неготино ми се јави првата „јанза“. Батеријата покажуваше залиха од 26%. Дали да застанам да ја нодополнам или да продолжам. Сепак одлучив да продолжам. Возењето 30-тина километри по автопат и дојдов до шестото искачување преку Валандовско брдо. Таа делница не е долга, некаде околу 10 км, но е интензивна. Патот, како нарачан, се разминав само со неколку возила.

Повторно танго, но овој пат со добро познат партнер. Си направив ќеф и цело време ја игнорирав „батериометарот“. По задолжителното смирување на страстите ми требаа уште 20 минути до Дојран. Ме дочекаа високи температури и пријатно изненадување.

Наместо предвидените 16%, батеријата пријави 22% и автономија за уште 145 км. Ми фалат некои 35 км да го заокужам предизвикот.

Си реков дека одлуката за ризикување ќе ја донесам во Струмица. Следуваа лежерни 40 км пат, и еве ме во Струмица со 16% останата струја, автономија за уште 105 км и просечна потрошувачка за поминатите 550 км од 18,1 кВч/100 км. Не е време за искушенија, правец на полнач.

На бензинската станица на Макпетрол инсталиран е полнач на ЕВН со моќност од 150 кВч. Доколку имате  картичка од ЕВН процедурата е побрза и поевтина. Треба само да го паркирате возилото, да го приклучите на полначот и да ја доближите картичката. Полначот веднаш ја препознава и по подготовката за полнење која трае 30-тина секунди започнува полнењето.

Кафе пауза од 15 минути. Со оглед дека батеријата се полнеше со брзина од 149 кВч, ова време беше доволно да наполнам дополнителни 31%, вкупно 51% од батеријата наполнетост и предвидена автономија од 368 км, што значи дека надопонив струја за 263 км. Со споменатата картичка на ЕВН цената на кВч на брз полнач изнесува 28 денари, па надополнувањето чинеше илјада и осум денари.

Тоа е еквивалент на 10,6 литри бензин или 10 литри нафта. Доколку полните со платежна картичка, процедурата е подолга и далеку поскапа. На истиот полнач ќе ве чини 40 денари кВч, што е апсурдно многу. Се упатувам кон Скопје до каде ми требаа околу два часа да пристигнам до мојата појдовна точка.

Пред импортерскиот центар на М Кар пристигнав по извозени вкупно 703 км, просечно потрошени 18,3 кВч/100 км, состојбата на батеријата покажуваше 22%  и останата автономија од 154 км.

Заклучок

iX3 50 xDrive е несекојдневно возило. Не само што со неговите пропорции нуди доволно простор во кабината и сериозно се доближува до поголемиот Х5, опремен е со најновите технички и дигитални решенија на куќата.

За возните својства нема што да се коментира. Доволна е мојата насмевка што ја имав цело време на извозените 703 км. Добро, малку станав сомничав кај Неготино, ама се испостави дека тоа беше бура во чаша вода. Доколку бев повеќе внимателен и дисциплиниран, убеден сум дека целиот круг ќе го апсолвирав без надополнување на батеријата во Струмица.

Сепак, тоа го оставам за некоја друга прилика. Едноставно не одолеав на перформансите и инженерингот вграден во iX3 кои се за секоја почит. Само се прашувам како ли ќе се однесува најавената i3 која ќе биде првата лимузина од Neue Klasse? Единствената дилема не ми ја прави цената од 100.000 евра. Ако не сакате многу китење, основната врезија чини 79.000. Според моето сваќање, сепак вистинската е возената изведба чија опременост е врвна и корисна.

Со Шпаркасе Лизинг купувањето е полесно. Ви треба учество од 21.687 евра учество и 84 рати изнесуваат 1.251 евро месечно Доколку јас би правел спецификација би ја избеглал верзијата на воланот со горна вертикална лајсна, која мене лично не ми се допаѓа, и би доплатил за вентилација за седишта, опција која многу ми фалеше на пеколните температури. За дискусија се отвараат неколку теми.

Првата е што нашата држава нема субвенции за БЕВ, односно единствена субвенција е што БЕВ се ослободени од плаќање на данокот за моторни возила. И втората и многу значајна е цената на струјата на брзите полначи која е многу висока и малобројноста на истите. На територија на Македонија имаме само 13 брзи поолначи чија капацитет варира од 100 до 180 кВч, а и цената на чинење е висока, паритет што се израмнува со чинењето на фосилните горива за иста помината дистанца.

Па ако земеме дека БЕВ во просек се поскапи за најмалку 30% од возилата со мотори на согорување, се наметнува прашањето зашто БЕВ? За одговор на ова треба системско решение, скротување на цените на брзите полначи која е една од највисоките во регионот, и нивно омасовување. Но, на оваа тема допрва на долго и на широко ќе се расправа…

Сподели

Последни новости

Актуелни цени на горивата

  • еуросупер 95 - 80.50 ден
  • еуросупер 98 - 83.00 ден
  • еуродизел Д5 - 69.00 ден
  • течен нафтен гас - 48.00 ден
  • метан - 69.00 ден

Сакате да добивате известувања?

Зачлени се на нашиот NEWSLETTER