Редефиниција на електричните возила!
Петтата генерација електрични возила на BMW започна да се комплетира.
Веднаш по луксузното спортско корисно возило iX, со кое баварците покажаа дека знаат да ја вкомпонираат силата со високата технологија, на сцена стапува електричен модел што границата ја подигна на повисоко ниво. Од следните 12 модели што се најавени до крајот на идната година од BMW очекуваме напонот да ја врати радоста во возењето! Ентузијазмот кон оваа смерница се зголеми по првото возење на извонредниот i4!
Што е i4?
BMW i4 со електро погон eDrive ја користи основата од постоечката серија 4. Купеовската каросерија со четири врати има основа да ја вгости батеријата и електро моторите давајќи акцент на возните својства. Стокмена по сите основи на луксузните изведби, внатрешноста има потребна удобност за четири патници, ја краси одличниот мултимедијален систем и големите два монитори обединети на иста основа. Двете изведби, i40 и M50 надворешно се разликуваат по карбонските цитати на браниците, ретровизорите и спојлерот на задната врата. Во внатрешноста послабата верзија има мотор и погон на задната оска, 331 КС и 590 километри автономија. Моќната М50 на секоја оска има електро-мотор па покрај системските 544 коњи дава погон на сите тркала. Воедно има подобри забрзувања од М3 Competition!
На прв поглед
Тоа е тоа! Електрично купе што има одлично педигре и изгледа моќно. Доколку не се загледате во големиот заден браник на кого отсуствуваат ауспуси, не би воочиле дека се работи за електричен модел. Добро, и пренагласените бубрези на предната маска врамени со диодно осветлување ја издаваат припадноста. Големите тркала го поткрепуваат „лутиот“ впечаток кој тенденциозно се нагласуава. А како да не, кога М50 тешка 2,2 тона во спринтот до стотка (3,9 ѕ) за неполна секунда го шие М3 Competition! Монолитниот изглед на надворешноста дефиниран е со меѓуоскиното растојание од 2.856 мм на кое е поставена каросеријата со комотни димензии (4.783х1852х1448). Купеовскиот финиш на задниот дел не го пореметува просторот на задната клупа. Неимагинативната селекција на црната боја во ентериерот визуелно го намалува впечатокот, но простор има во сите смерови. Особено на возачкото седиште каде се отвора нова перспектива.
Зад воланот
Длабокиот наклон за спуштање во седиштето веднаш се наградува со глетката што се простира пред возачот. Двата екрани како да стопени еден во друг. Исто како кај iX, пред возачот е 12,3-инчен дигитален дисплеј во улога на инструмент табла и приказ за сите функции поврзани со возењето додека централниот екран на допир е од 14,9 инчи. Пуритански чистите форми ги разбива воланот идентичен со оние во изведбите со термички мотори, на него се прекинувачите за основните конекции со апликациите, а зад него селекторите за преноси. Централниот гребен го задржа ротациониот селектор и рачката на менувачот, но му благодарам на Севишниот, не се направени од кристал. Спортските седишта одлично го прифаќаат телото. Возачот и патниците уживаат во одличната ергономија која дава вистинско уживање при престојот и патувањето. Футуристичкиот амбиент го крунисува хед-ап дисплејот чија проекција и големина дополнително го интензивираат спортското чувство, а во едно, и комодитетот во управувањето. Да скратам, атмосферата е онаква каква се замислува да биде во купе со 544 коњи.
Каков е да се вози i4 M50
Мммммммммм. Тоа магично М продолжува да маѓепсува па дури и кога ја нема грмотевицата од цилиндрите! Како да сте во ролеркостер само што вие го управувате… Сеансата на запознавање ја минавме во урбани услови на штотуку разбудената Ница низ чиј метеж се извлекувавме половина час. Тука се почувствува предноста на електричниот погон. Лесното забрзување се случува во тишина нарушена од звукот на пневматиците и рекуперацијата на енергијата. Севкупните прикази на мониторите одлично се ускладени давајќи кристален приказ на мапите и прецизно наведување на зададената маршрута. Како што го напуштавме градот така почна срамежливо да се одмотува планинска рута. Благиот успон и долгите свиоци дадоа увертира на вградените партитури на М50. Сите електрични автомобили имаат импресивни забрзувања, но кога ќе заврши првецот завршува забавата, а ако не сте умен, започнува хоророт. Тие се инфериорни во свиоци, особено при динамично управување, инерцијата си го прави своето. Тоа е ризикот што пионерските марки беа подготвени да го поднесат во име на „свесноста“ на нивните корисници дека спорото и инфериорно возење е клуч за еколошките норми и безбедноста. Одлично алиби. Согласно со своето педигре BMW, иако новодојденец во сегментот, беше подготвен да продолжи таму каде сите останати електрични автомобили застанаа. Надмено, и со полно право за тоа, i4 М50 нема со кого да се споредува во класата каде царуваат манекени. Тој, покрај атлетската појава, способен е да господари во десетобој.
Дали i4 M50 е конвенционален електричен автомобил?
Не, не и не! Самиот Баварец воведува нов тренд што налага повеќе мажевност, повеќе страст и повеќе емоции од возило со погон на струја. Двата електро-мотори сместени по еден на оска даваат многу сила, екстремен вртежен момент и погон на сите тркала. Тоа се чувствува во секој миг на возењето. Помеѓу двете оски сместени се батериите, композиција што дава уште пониска точка на лежење. Заедно со одлично избалансираното потпирање на сцена доаѓа управливоста која повторно во очај ги фрла сите останати. Pardon my French, но кога кај конкуренцијата во динамичките перформанси се свири „фајронт“ кај BMW започнува музиката! Веќе во првите „развлекувања“ во долгите свиоци управувањето се покажа како прецизно, дава одлична информација од подлогата и лесно се корегира… Сето ова е во ред ама нешто ми недостасува во мозаикот.
Како што ја качувавме надморската височина така навлегувавме во питурескниот алпски кањон чија гранитна структура беше издлабена со етапа која плаче да се „стисне“ колата. На патниците им најавив турболенции во летот и да ги затегнат сигурносните ремени. Намерно електронскиот сетап на возилото го оставив во модусот Comfort и почнав прилично неконфорно да возам. Фасцинантните меѓузабрзувања како од катапулт ја исфрлаа каросеријата. Од свиок до свиок сваќав дека управувањето е идентично како да се вози М3. Нема никаков компромис, сé функционира перфектно. Само повторно нешто ми недостасуваше… Наеднаш ситуацијата на патот се усложнува. Свиоците стануваат чести па решив да го активирам модот Sport. М50 се трансформира во уште по кооперативен склоп. Потпирањето се укрутува, воланот реагира во помали амплитуди а електрониката соработува до моментот кога е програмирана да се вмеша во одлуките. Сите корекции се случуваат секавично, па возачот лесно може да се поигрува со забрзувањата и сопирањата. Дури и во странични оптоварувања кога кратки се интервалите на префрлањето на тежиштето од една на друга страна каросеријата остана доследна на зададените траектории. На разиграната атмосфера допринесуваат лопатките со кои се манипулираат преносите па чувството е комплетно. Секоја чест, ама, еве го повторно чувството дека нешто недостасува…
Кога техниката ќе го помати умот…
Фрлив поглед на живописната рута што се одвиваше од мојата десна страна. Повторно кратки, затворени свиоци како нарачани за аздисување. Интересно е дека сите 400 kW и мамутски 790 Nm ги имате моментално и сите акции се случуваат многу брзо. Во секој момент е во функција погонот на сите тркала во готовност за да префрли дозирана сила на кое треба тркало, па стабилизирањето е олеснето. Менувачот сето време беше префрлен во „Batery“ модус на работа кој овозможува брза рекуперација на енергијата, а воедно може да служи како инерциона сопирачка. Тоа е делотворно при динамични управувања кога самиот автомобил ви помага во сопирањето. Од одличните манири бев воодушевен и охрабрен за комплицирани маневри само со цел да видам до каде е прагот на толеранција на потпирањето. И повторно сум вчудоневиден, а повторно во позадина ми се јавува чувството дека нешто ми недостасува. Повторно пуштам поглед да видам каде води патот и да се подготвам за следното „влетување“ кога една сцена, која ја регистрирав во крајот на моето видно поле, ме врати од наркозата во која влетав. Ги забележав рацете на сопатничката која грчевито држеше мобилен на чиј скрин сејвер беше фотографија на среќно семејство. Време е да се смират страстите и да се вратам во нормала. Едноставно, бев понесен од моментот и фактот дека со електричен автомобил низ свиоци се возам како со изведба од перформансна ергела. Хм… Да, ова и е изведба од таква ергела. И да на крај сватив што ми недостасуваше! Тоа беше звукот на хор од барем осум цилиндри што вадат чист баритон кога достигнуваат крешендо.
Што кога батеријата е при крај?
Динамичното возење потраја добри 250 километри. Поради начинот на возење, во кого немав милост ниту за i4 М50 ниту за сопатниците, нормално е да се троши повеќе струја. Батеријата има капацитет од 81 kW/h која во потентната верзија овозможува автономија од 510 километри. Таа има можност на брзо полнење на напон до 200 kW и според производителот потребни се само 10 минути за да се дополни батеријата со енергија за поминување на 100 километри. До станицата за полнење поминавме уште 90 километри и таму пристигнавме со резерва од 13%. Приклучувањето на брзиот полнач е проследено со типичен звук кој ве потсетува дека работи под висок напон.
По само 13 минути полнење нашата батерија покажа дека има 51% од капацитетот, односно за тоа време сме наполниле 38 отсто од батеријата. Последната рута не враќаше на почетната точка до која имаше уште 100 километри по авто пат. Ограничената брзина на движење на 130 км/ч не беше возбудлива за возење. Батеријата покажуваше дека има автономија за уште 260 километри, на радиото се погоди музиката па се препуштивме на чувството на летечки ќилим. Уживавме во сатенското потпирање, кое како да нема никаква врска со она од пред некој час. Секој метар на патот се голташе во конфор и удобност. И на крај нема многу да разглобувам и филозофирам. BMW i4 е моделот кој поставува нови хоризонти за батериските електрични возила. Неговите динамички перформанси го белеат образот на електричните возила и се рамнат со конвенционалните.
Ме радува фактот што овој пат Баварците не се занесоа со цените. Фантастичната i4 М50 во Македонија ќе чини 78.950 евра. Да имавме субвенции ќе беше уште поевтин. Мене не ме загрижува цената туку инфраструктурата на полначи. Кај нас повеќето се со моќност од 11 kW па заборавете го пасусот за брзото полнење. Најчесто во наши услови ќе требаат околу осум часа да се наполни батеријата. Дали е тоа разумен компромис? Зошто да не?! На нашите сообраќајници присутни се мал број електрични автомобили, но поголемиот нивен број е од луксузниот сегмент. Повеќето се поскапи од i4 М50, но тешко е веројатно дека му се дораснати на возните својства.