Alfa Romeo поминува низ транзиција во која сите нејзини традиционални поклоници, но и оние новите, суптилно се усмеруваат кон електричниот погон.
Времето во кое царуваа V6 моторите со многу коњи остана во категоријата носталгија. Најновиот модел на миланезите не доаѓа од Милано, како впрочем требаше да се нарекува. Тоа е модел кој ја дели малата платформа на групацијата Stellantis и има свои братучеди од Франција, Италија, Германија и САД, а се произведува во Полска.
Токму поради местото на производство моделот доби забрана од италијанската влада да го користи името на родниот град на Alfa Romeo, Милано. За марка, со изразено спортско и шмекерско педигре, претставува голем предизвик да ги оправда своите атрибути преку механика и моторизација што ја користат уште еден куп модели на Citroen, DS, FIAT, Jeep, Lancia, Opel и Peugeot… Затоа досегашната крилатица Cuore Sportivo променета е во Emozione Sportiva.
Тоа е предизвик еднаков на оној во кулинарството, да се направи бифтек Фиорентина со состојци за гулаш. Е, тука доаѓа магијата наречена дизајн и инженеринг. Тоа се двете категории по кои Junior се разликува од моделите на споменатите марки.
На следното видео ги споделувам моите импресии од возењето на Alfa Romeo Junior Ibrida во изведбата Speciale…