Volvo против голомразицата
Швеѓаните доста добро знаат што значат лизгавите патишта и понудија решение за тоа
објавено на 23 април 2019 година
Како предводник во зголемувањето на безбедноста во сообраќајот, Volvo понуди уште една иновативна технологија. Овој пат се работи за системи кои ќе ги предвидуваат опасностите во возењето, како лизгавите патишта на пример. Основа на сé е комуникацијата меѓу автомобилите кои меѓусебе ќе разменуваат информации за ризичните ситуации. Така кога некој возач ќе наиде на лизгав пат или сообраќајна несреќа, возилото ќе ја испрати информацијата до серверите на Volvo. Тие пак веднаш ќе ја проследат до другите автомобили на таа рута, предупредувајќи ги за тоа што им претстои. За ова се задолжени два засебни системи кои во Шведска и Норвешка се достапни неколку години, а од сега ќе бидат на располагање и на возачите во останатите европски земји. Тие се отворени и за другите производители, така што може да очекуваме во иднина возила од различни марки да комуницираат меѓусебе. Овие системи од наредната година ќе станат дел од стандардната опрема на сите нови автомобили на Volvo, а ќе можат дополнително да се вградат и во постарите модели.