Volkswagen Буба повторно испратена во пензија
Ако првиот пат беше заради старост, сега е заради штедење
Објавено на 11 јули 2019 година
Како последица на кризата во која се вовлече со дизел скандалот, Volkswagen го испрати Beetle во пензија. Така Буба стана втората жртва на мерките за штедење на германскиот производител откако беше објавено престанувањето на производството на големиот Phaeton. Легендарниот модел мораше да го отстапи своето работно место во машинеријата за правење пари на помладите кросовер модели, кои се повешти во тоа. Ваквата одлука и не е некое изненадување бидејќи продажбата на реинкарнираната Буба која доаѓа од Мексико ни оддалеку не е толку добра како што може да се претпостави – од неа лани во САД се продадоа 14.411 примероци, а во Европа 13.394. Според непотврдените информации, нејзин наследник нема да се развива, дури ни електричен. Од истите причини Volkswagen размислува за исфрлање и на други модели од гамата, со што би заштедил 200 милиони евра.
Првата оригинална генерација на Буба која се произведуваше до 2003 година, беше избор на 21.529.464 купувачи.