Кај сите Турци таму и…
Објавено на 3 ноември 2019 година
Според народната „кај сите Турци”, балканските но и околните земји скоро без исклучок го опсипаа Volkswagen со понуди за новата фабрика што треба да ја гради во Турција. Тоа што германскиот конгломерат не ја доведе во прашање својата одлука да гради таму туку само ја одложи заради воените дејствија на северот на Сирија, воопшто немаше никакво влијание. Во моменталната ситуација својата шанса ја видоа дури 13 земји – најнова на списокот се појави Грција, а пред неа беа Босна и Херцеговина и по втор пат Хрватска. Од останатите добар дел беа присутни и во поранешните фази за избор на локација на значајната за регионот автомобилска фабрика. Тогаш покрај Турција фаворити беа Бугарија и Србија а се споменаа и Романија, па дури и Македонија и Косово. Сепак треба да се каже дека од Volkswagen нема пристигнато ниту еден збор што би ги охрабрил сите овие земји да се надеваат дека ќе лапнат од залакот вреден повеќе од милијарда евра. Единствената јасна негативна порака дојде од синдикатот на компанијата, кој со своите гласачки права во управниот одбор има сили за го блокира донесувањето на финалната одлука. Доколку сепак дојде во некаква промена, најмногу шанси има постоечката фабрика во Словачка во која сега се произведуваат најмалите и најголемите модели на групата, односно Up! и Tuareg и од нив изведените деривати на Seat, Škoda, Audi и Porsche. Инаку плановите на Volkswagen предвидуваа релоцирање на производството на Passat и Superb од фабриките во Германија и Чешка, во кои ослободените капацитети би се користеле за претстојната електрична гама.