Премиера на крајот на август
Поголем, покомфорен, поквалитетен и само како караван
Привршувајќи со тестирањата на деветта генерација на Passat, Volkswagen се потруди да ни даде увид што треба да очекуваме. Како најважно, веќе добро знаеме, популарниот модел од Д-сегментот ќе се произведува само во караванска форма, и тоа во фабриката во Братислава. Добар дел од механиката ќе биде заеднички со идниот Tiguan бидејќи и двата модела ќе бидат поставени на новата MQB Evo платформа. Таа на Passat ќе му донесе 4.917 милиметри должина, за 144 повеќе од досегашниот модел. Од тоа 50 милиметри се меѓу оските кои ќе бидат раздалечени на 2.841 mm, што заедно со за 20 mm поголемата широчина гарантира повеќе простор и поголем комфор. Порасна и багажникот, од 650 на 690 литри, а ако се собори задната клупа се добиваат скоро два метра кубни простор за товар.
Под хаубата на Passat Германците имаат намера да инсталираат лепеза бензински, дизел, благи хибридни и плаг-ин погонски склопови. За да не ја расипат возбудата останаа воздржани околу информациите за нив, но се пофалија дека плаг-ин хибридот ќе има електрична автономија од 100 километри, а за прв пат ќе може да користи и брзи еднонасочни полначи. Ќе биде унапредена и шасијата со адаптивно прилагодување посебно за секое тркало, со што ќе се зголемат динамичноста и комфорот во возењето. За задоволството на возачот и патниците ќе се грижи и дигиталната внатрешност, а за безбедноста опционалните матрикс ЛЕД светла кои ноќта ќе ја претворат во ден на 500 метри пред возилото.
На наредната генерација на Passat ќе ѝ се придружи и механичкиот близнак Škoda Superb, но за разлика од Volkswagen-овиот модел тој ќе има и лимузинска изведба.